Катарците ја доживеаа македонската судбина, Хансен со гол во последната секунда го реши Катар (ВИДЕО)

Репрезентациите на Данска и Катар одиграа трилер натпревар во кој Данците со погодокот на Микел Хансен во последната секунда славеа со резултат 26-25. Завршницата на овој натпревар за момент ги врати македонските љубители на ракометот четири години наназад на ЕП во Србија 2012, кога нашата репрезентација на идентичен начин со гол во последната секунда загуби од Данска. Разликата е таа што кошмар на Катарците ќе им биде Микел Хансен, а за нас останува Ханс Линберг.

Катарците одлично го отворија натпреварот и скоро цело полувреме беа подобар противник од скандинавците. Расположените Марковиќ и Роин го полнеа голот на Данска, а одличната игра им го донесе највисокото водство на Катарците од 6-10 во 17 минута. Сепак во втората половина на првиот дел легијата од странци на шпанскиот селектор Ривера не успеа да продолжи во исто темпо, а искусните данци полека се вратија комплетно во игра. Тофт Хансен неколкупати беше ефикасен од линијата за шест метри, а Ласе Сван со два погодоци по ред го донесе првото водство за данците и тоа во 25. минута. Во последните пет минути беше постигнат само еден погодок кој беше дело на Роин, со што на полувреме се замина со резултат 14-14.

Во второто полувреме натпреварот имаше сличен тек, со тоа што сега Данска беше репрезентацијата која во поголемиот дел го имаше водството. Дамгард ги донесе највисоките +3, (20-17) за Данска во 40.минута, предност која успеваа да ја одржат до 50.минута кога Сван успеа да реализира за 24-21. Последните десетина минути им припаднаа на катарците кои одговорија со серија од 4-0, а Капоте со својата петта реализација на две минути до крајот го врати Катар во водство од 24-25. Мадс Менсах Ларсен со одличен погодок успеа да израмни на 25-25, со што влеговме во супер интересна завршница на натпреварот. Последниот напад го имаа катарците кои имаа шанса да постигнат гол и да го фрлат на колена големиот фаворит. Ракометарите на Ривера не само што не реализираа, туку и ја изгубија топката, а скандинавците добиените поклони најчесто ги релизираат со погодок. Хансен истрча контра и со гол во последната секунда и донесе победа на својата репрезентација од 26-25.

Најпрецизни во репрезентацијата на Данска беа Ласе Сван со седум, и херојот Микел Хансен со пет погодоци. Кај Катар најрасположен за игра беше Марковиќ кој реализира седум, а го следеа Роин и Капоте со по пет реализации.

Последните секунди од натпреварот и погодокот на Хансен во последната секунда погледнете го на видеото подоле.

Mikkeel Hansen buzzer beater against Qatar

Geplaatst door Handball Draft op zaterdag 13 augustus 2016