Кастратовиќ: Се надевам дека со оптимална форма ќе влеземе во Лигата на шампионите.

Женскиот колектив на Вардар ги започна подготовките со половичен ефект во Франција, потоа го освои третото место на трофеј Букурешт, за минатата недела да го освои силниот турнир „Вардар“. Формата на македонските шампионки се движи по нагорна линија, а тренерот на екипата Индира Кастратовиќ е задоволна од подготвителниот период.

КАСТРАТОВИЌ: Задоволна сум од формата, но има сè уште работа, има уште работи кои треба да се поправат. Драго ми е што имавме шанса да одиграме голем број контролни натпревари каде можевме да видиме каде се грешките и каде може да се поправи. Имаме уште месец и половина до стартот на Лигата на шампионите и сметам дека тоа е доволен период да ги елиминираме сите недостатоците и грешки. Се надевам дека со оптимална форма ќе влеземе во Лигата на шампионите.

Вардарки досега одиграа три пријателски натпревари против рускиот шампион Ростов Дон, по првите две победи, за разлика од вториот меч кој се одигра во малата сала во „Јане Сандански“, последниот дуел во финалето на турнирот „Вардар“ во Скопје, понуди неизвесност.

КАСТРАТОВИЌ: Тоа беше пријателски дуел, ова беше првиот турнир кој го организираше Вардар и сакавме да го освоиме, можеби затоа имаше мал притисок. Сметам дека Ростов Дон не се воопшто наивна екипа, тие се тим кој настапува во Лигата на шампионите со голем број засилувања, знаете дека Сен играше во Ѓер минатата година, знаете дека Лунде се приклучи на тимот, имаат перфектно десно крило, така што тие се екипа која не смее да се потцени. Мислам дека ние ја сработивме нашата задача онака како што треба, нормално секогаш може подобро, но одиме чекор по чекор до Лигата на шампиони.

Турнирот во Скопје беше одлична можност скопската публика да ги запознае новите две ракометарки кои ова лето се приклучија на „црвено-црниот“ состав на Индира Кастратовиќ и Јан Питлик. За тоа колку е задоволен првиот тренер на Вардар од прикажаната игра на Човиќ и Дамњановиќ, Кастратовиќ вели:

КАСТРАТОВИЌ: Задоволна сум, Дамњановиќ на последниот дуел не можеше да настапи, додека Човиќ е тука краток период и треба да се усклади со нашите бекови, но сметам дека добро ја одработуваа задачата која им ја зададовме.

За наредниот период од клубот најавија две контролни средби против репрезентацијата на Данска.