Касим Каменица за ново поглавје во Пелистер

Денес пред битолчани беше претставен новиот тренер на Пелистер. Се работи за искусниот стратег Касим Каменица кој ги предводеше зелено-белите кога битолскиот тим имаше шампионски аспирации. Со потпишување на овој договор, управата на клубот сака да ја продолжи долгата традиција на врвен ракомет во Битола, а во тоа треба да помогне искусниот стратег кој е познат по работата со младите категории.

Во својата тренерска кариера Каменица бил тренер на Борац Урошевац, Пелистер, Загреб, Партизан Белград, Кометал ЃП, Вардар, Младост Богданци, Пруле 67, Босна Сараево, Целје, Нашице, Ловќен. Меѓу позначајните улоги во својата ракометна кариера секако е онаа селекторската на јуниорската репрезентација на СФРЈ, и на сениорските репрезентации на Словенија, БиХ и на Црна Гора.

„Клубот е во 100% сопственост на општината како акционер. Кога минатата година најавивме дека ќе го стабилизираме клубот финансиски и организационо тоа го направивме.Ова не е проект за една година, а тоа  го докажавме со назначување на Каменица за тренер. Со него мислиме дека конечно и спонзорите од градот ќе видат дека се работи сериозно и дека конечно ќе имаме подршка и од нив за да го доведиме клубот онаму каде што припаѓа. Со целосно ангажирање на сите структури оваа е шансата за успешен Пелистер“ истакнаа од управата на Пелистер на денешното претставување на новиот тренер.