Карачиќ: Јас, Столе и Тимур ги убедивме колегите да останат во Вардар, другото е историја

Ракометарот кој ја доби можноста да ги крева сите пехари од минатата сезона и на голем начин се збогуваше со Вардар, Игор Карачиќ и понатаму не може да заборави што и како се случуваше во седумте години во клубот.

Во интервју за sportowefakty.wp.pl тој уште еднаш зборува дека Скопје е градот кој не е негов втор дом, туку неговиот дом бидејќи тука стекнал големи пријателства и се чувствува како отсекогаш да живеел во главниот град на Македонија.

Интересен е еден дел од неговото интервју во кој говори за тоа како тој, Столе и Тимур ги убедиле другите да останат во Вардар и да испишат историја.

„Претходната сезона, кога ситуацијата во Вардар беше навистина лоша, јас, Тимур Дибиров и Стојанче Стоилов се сретнавме да разговараме за иднината на тимот, но и за нашата иднина и за финансиите. Одлучивме да му веруваме на Сергеј Самсоненко. Му верувавме толку многу што решивме да останеме во клубот. На првиот тренинг после овој разговор на соиграчите им пренесовме за нашиот разговор со Самсоненко и побаравме од секој играч за возврат слична потврда. На следниот тренинг сите одговорија исто:’Останувам‘. Замина само Вуко Борозан. Сите си ветивме дека ќе покажеме дека парите не се сè во животот и тоа го кажавме. А остатокот? Како што велат, остатокот е историја“, вели Карачиќ во интервјуто во Полска.

Со оглед на тоа што е во група заедно со Вардар, Карачиќ го очекува враќање во Скопје во Лигата на шампионите. Натпреварот ќе се одигра на 9 ноември од 17 часот.