Карачиќ: Нема да останеме шампиони, ако не сме на 100%

Македонскиот шампион денес ќе го одигра својот трет натпревар во СЕХА лигата. Противникот е единствената екипа која во последната сезона успеала да откине бодови во Скопје, па мечот против Мешков Брест ќе биде вистинско дерби за ракометните сладокусци. Оваа сезона Вардар има нова улога и одговорност да ја одбрани титулата во домашниот шампионат, регионалното натпреварување и најважната онаа најскапоцената од Лигата на шампионите.

Централниот бек на Вардар, Игор Карачиќ задоволен од нивото со кое Вардар го започна својот пат кон одбрана на титулата вели дека притисокот е голем, но затоа кога „црвено-црните“ се близу 100% сите конци се во нивните раце.

Ние во Катар бевме вистински, но луѓето сега поинаку не гледаат, како шампиони. Сигурно сега другите екипи ќе не третираат како шампиони. Не е едноставно да се игра, мора постојано да бидеме мотивирани и да дадеме 100% на секој натпревар. Бидејќи ако не дадеме 100% од себе ние не сме шампиони, ние сме екипа малку над просекот. Формата полека ни се крева, против Барселона одигравме одличен натпревар покажавме карактер и по лошите 15 минути и разлика од -7, се вративме во натпреварот. Игравме во егал и имавме неколку напади за водство не успеавме да ги искористиме шансите, затоа Барселона заслужено победи. За трето место одигравме одлично, исто како и на првиот натпревар од СЕХА против Металург, мислам дека сите играчи се задоволни со третманот и со нетрпение очекуваме да започне ЛШ, да се обидеме да ја одбраниме титулата. Тоа е желба на сите ќе видиме колку е тоа реалност. -вели хрватскиот интернационалец.

Регионалното натпреварување традиционално започна со национално дерби меѓу Вардар и Металург, а македонскиот шампион беше достоен на своето европско реноме. „Црвено-црните“ започнаа со победа, а за тоа колкав удел во конечниот резултат имаше тактиката на Червар да одигра со „седум на шест“, а колку квалитетот на Вардар, Карачиќ вели:

Натпреварите против Червар секогаш се такви. Тој е првиот тренер кој ја воведе играта со седум играчи, многу пред да се воведе новото правило и да се исфрли маркерот, така игра веќе десетина години. Тоа е неговиот стил, и во минатото често ни задаваше проблеми на сите натпревар, но мислам дека веќе се адаптиравме на таа игра и тој напад, украдовме многу топки и затоа резултатот против Метлаург беше таков. Самиот резултат на крај покажа колкава беше желбата на овој тим, сето она што макотрпно го тренираме, да го преточиме во нашата играта на терен.

Македонскиот првак својот прв натпревар во Лигата на шампионите ќе го одигра на 17 септември против Висла Плоцк во Полска. Откако е воведен Ф4 форматот во Лигата на шампионите, ниту една екипа не успеала да ја одбрани титулата.