Карачиќ го реши Бутел, Гуиф ќе се бори за трето место на Струшкиот турнир

Ракометарите на Бутел Скопје ремизираа во второто коло со шведскиот Гуиф 25-25 и ќе се борат за петтото место со српскиот Пролетер Зрењанин на Струшкиот турнир, додека Гуиф ќе игра со поразениот од дуелот меѓу Струга и Еурофарм Работник за трето место.

Во првиот дел, шведските ракометари го диктираа темпото и беа најчесто во предност од два до три голови. На пауза се замина со 9-13 за Гуиф, но во вториот дел видовме друго лице на македонскиот тим.

Се разигра Мирко Мајиќ и погоди во серија, па Бутел на средината на вториот дел ја презема предноста. По 45 минути се играше гол за гол, а драмата следуваше во последните две минути. Гуиф водеше со 23-24, пред Ѓорѓиевски и Василевски со два гола за десетина секунди да направат пресврт 25-24.

Голманот Блажески одбрани шут на шведскиот тим на триесетина секунди до крајот, но Гуиф започна да игра пресинг. Грчевски побара тајм-аут, но Бутел бргу ја загуби топката. Василевски стартуваше грубо, Гуиф доби пенал на две секунди до крајот и Карачиќ погоди за реми, 25-25.

Поради подобра гол разлика, Гуиф ќе игра за трето место, додека Бутел ќе се бори за петтата позиција.