Капитенот одигра капитенски: Печенковски го водеше Бутел до победа среде Чаир

Ракометарите на Бутел Скопје. се само чекор поблиску до остварувањето на желбите пред стартот на сезоната во Првата Лига. Момците на Игор Котевски по победата на гости кај директниот конкурент за пласман во Суперлигата, Металург Јуниор, славеа и на уште едно незгодно гостување кај Риниа во Чаир со убедливи 29:35.

Гостите отворија со водство, 1:3, 2:4, па 3:5, но домаќинот не се откажуваше од борба. Риниа израмни на 7:7, беше и 8:8, а потоа дури и поведе со 10:9. Но следуваше пад во играта на момците на Исмаили, и Бутел предводен од Печенковски, кој иако имаше директен чувар во поголемиот дел од мечот, направи серија од 4-0 за предност од 10:13, пред на пауза да се замине со 13:16.

Во вториот дел дојде до израз подобрата физичка подготвеност на Бутел Скопје. Успешно беше чувана разликата од првиот дел, а беше надополнета и до плус 8, 23:31. Риниа се доближи на минус 5, 27:32, но немаше време за нешто повеќе и гостинската екипи рутински ја заврши задачата, па мечот заврши со резултат 29:35.

Најдобар поединец во гостинскиот тим беше Печенковски со 6 голови, кој подели и уште десетина асистенции до пикерите Василевски и Маркудов. Втор стрелец беше токму споменатиот Василевскис со 5, а истот толку даде и левото крило Николовски. Во домашниот тим како и секогаш предничеше Анѓелковиќ со 10 голови, 6 даде капитенот Латифи, додека Стојановски беше стрелец на 4 голови.