Канељас пред вратите на Вардар

Искусниот  шпански репрезентативец Жоан Канељас многу веројатно ќе го облече „црвено-црниот“ дрес од 2017 година. Управата на македонскиот шампион е многу блиску до договор со шпанскиот плејмејкер, кој настапува за германскиот шампион Кил.

Канељас во последните две сезони не е во вистинската врвна натпреварувачка форма, а темпото во германската Бундеслига и конкуренцијата кај „зебрите“ се причина повеќе за потрага по нова дестинација.

По Иван Чупиќ, ова ќе биде второ засилување во редовите на Вардар, останува да се договорат деталите околу евентуалниот трансфер по што управата на клубот ќе излезе со официјален став.

29-Годишниот Канељас беше дел од репрезентацијата на Шпанија која освои сребрен медал на Европското првенство во Полска. Оваа сезона во дресот на Кил постигна вкупно 41 погодок во Лигата на шампионите.