Како ќе изгледа составот на Металург наредната сезона: Сите засилувања на едно место (ФОТО)

Тимот на Металург минатата сезона не успеа по подолго време да го задржи второто место во македонскиот шампионат и да обезбеди настап во регионалната СЕХА лига. Иако се пријави и за место во Лигата на шампионите, сепак тимот од Автокоманда ќе мора да се задоволи со место во Купот на ЕХФ, каде што има добра стартна позиција.

Во однос на минатата сезона, Металург претрпе значајни измени во ростерот. На тренерската позиција на местото на Оливер Димитриоски дојде Србинот Дамир Стојановиќ, а во поглед на играчкиот кадар, си заминаа девет ракометари, а дојдоа осум. Се уште не е дефинирана ситуација со Марио Танкоски, но најверојатно ќе остане во Автокоманда.

Голманите Томовски и Даниловски заминаа во Лудвигсхафен, односно Охрид, додека крилата Маџовски и Димитриоски ги засилија Еурофарм Работник и Вардар. Бековите Шпенде и Пучник потпишаа за Загреб и Еш, додека крилото Токиќ се пресели во германскиот Ајзенах. Пивотменот Миличевиќ замина во словенечки Марибор, а капитенот Велковски замина во вицепрвакот Еурофарм Работник.

Од новите имиња најзвучни се крилните играчи, Милан Поповиќ и Реваз Чантурија, како и повратникот Дејан Пецаковски. Од вториот тим е префрлен левокрилниот играч Дарко Кондев, додека од минатата сезона тука се Додиќ и Младеновиќ. Ново име е кружниот напаѓач Лука Вујовиќ кој доаѓа од црногорскиот Ловќен.

На голманската позиција покрај Даниел Дупјачанец, ангажиран е Даниел Ѓорѓески, кој лани беше член на Вардар и Пелистер. Во Автокоманда дојдоа и бековите од Хрватска и Грузија, Маријан Мариќ и Иракли Кбилашвили. До почетокот на новата сезона, составот од Автокоманда најверојатно ќе се засили со најмалку уште еден ракометар на бековската позиција, а уште еден голман ќе биде префрлен од вториот тим.