Како ќе изгледа СЕХА лига следната сезона?

Со доделувањето на трофејот на ракометарите на Вардар во Брест, беше спуштена завесата на осмото издание на регионалната СЕХА лига. Овој амбициозен проект во своето деветто издание ќе има промени во форматот. СЕХА лига во следната сезона ќе брои 12 екипи, а досега се познати девет. Трите преостанати учесници, како што најави претседателот Михајло Михајловски ќе бидат познати кон крајот на месец мај.

Сигурно учесници се првопласираните две екипи од Македонија, Хрватска и Србија, плус Татран Прешов, Брест Мешков и Веспрем. Од оние што настапуваа во штотуку завршената сезона нема да игра романската Стеауа Букурешт и можеби босанскиот Извиѓач. Можен е камбек на словенечкиот Целје Пивоварна Лашко, додека Горење Велење, кој играше една сезона во ова натпреварување во моментов нема тим за учество во оваа конкуренција.

За останатите три места ќе има голема конкуренција. Покрај Целје, како сериозен конкурент е унгарската Татабања, која со квалитетот е веднаш зад Веспрем и ПИК Сегед во унгарскиот шампионат. Во некои комбинации се споменува и грчкиот Олимпијакос, а има интерес за руски клуб, веројатно тоа е Спартак Москва, но за негов настап ќе мора да реши руската федерација.

12 екипи ќе бидат распоредени во две групи по шест, па ќе бидат одиграни 10 натпревари во регуларниот дел. Потоа следува четвртфинале, па завршниот турнир, што значи дека до титулата ќе се стигнува со 14 одиграни средби, наместо досегашните 20. Два тима од иста држава нема да можат да бидат дел од иста група. Наместо кон крајот на август, регуларниот дел од СЕХА ќе почне кон крајот на септември.

Сигурни учесници во СЕХА следната сезона:

Вардар
Металург/Еурофарм Работник
Загреб
Нексе
Војводина
Железничар/Металопластика
Брест Мешков
Татран Прешов
Веспрем

Потенцијални учесници во СЕХА следната сезона:

Целје
Татабања
Олимпијакос
Спартак Москва
Ловќен
Извиѓач