Како започна, така ја заврши групната фаза: Нова победа за четата на Вујо

Без разлика на поразот од Германија, репрезентацијата на Словенија остави најпозитивен впечаток во досегашниот тек на игрите во Рио. Составот на Вујо со својата пожртвуваност, мотив и одлична игра, мами нови ракометни фанови во центарот на светскиот спорт овие 20 дена. Последниот дуел од групната фаза значеше  многу за Полска, а малку за Словенија, но и покрај тоа Словенците се наметнаа како победници и успешно ја преминаа последната пречка во овој дел од натпреварувањето.

Полска имаше почетна предост која достигна и три погодоци (7 минута) пред Словенците со серија голови да го превземат водството и контролата над резултатот. До самиот финиш на првиот дел, Словенците имаа предност од еден до два погодока, но двете минути исклучување за Потеко значеа враќање на Полјаците во игра. По првите триесет минути двете екипи застанаа на нерешени 13-13.

Во вториот дел составот предводен од шпанскиот стратег Талант Душебаев, одигра лоши осум минути во кои Словенија го врати водството од четири погодоци (14-18). Следуваше период во кој Полска со играч повеќе повторно се врати во игра. Со головите на Бјелецки(два) и Лијевски(еден) дојдоа до минимален заостаток од еден гол во 42-та минута, но тука беше крајот на силите на полските ракометари. Вербата дека можат повеќе на овој дуел им ја разруши расположената Словенија која во наредните пет минути откако им се врати исклучениот Разгор со играч повеќе создаде капитални +5 (17-22). Словенците разликата ја задржаа до самиот крај за нова победа овојпат со конечни 20-25 .

Најпрецизен во составот на Словенија беше Миха Зарабец со седум голови, додека Кавтичник постигна четири. Во составот на Душебаев, Бјелецки со четири и Зиба со три голови не беа доволни да се избегне поразот на Полска.

Словенија ќе го очекува следниот дуел на денешната програма меѓу Германија и Египет за потврда на својата позиција во група Б. Засега привремено Словенија го превзема првото место, од кое може да ги симне единствено Германија со победа во дуелот против Египет. Пласманот на Полска во четвртфиналето виси по овој пораз, а ако сакаат да обезбедат место тие ќе навиваат за Германија во следниот дуел. Победа на Египет од тој меч ги враќа Полјаците во својата татковина.