Кадетите ќе играат пријателски натпревар со Чиле пред Мундијалот

Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, пред два дена го објави списокот на ракометари на кои ќе смета за подготовките пред Мундијалот што ќе се одржи во Скопје од 6 до 18 август.

На списокот има 23 ракометари, а од нив ќе се бараат 16 што ќе бидат дел од ростерот на средбите против Аргентина, Нигерија, Бахреин, Јапонија и Данска.

Стартот на подготовките е в среда, а ќе се тренира седум дена во Струга. По двата дена пауза, кадетите заминуваат на Маврово десетина дена, а завршната фаза ќе ја минат во главниот град.

Тогаш би требало да биде одигран и еден пријателски натпревар против селекцијата на Чиле, кој негува ист стил на игра како Аргентина, па кадетите ќе знаат со каков ривал ќе си имаат работа на Мундијалот.

Првиот натпревар е против Аргентина на 6 август со почеток во 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Во осминафиналната фаза вкрстуваат најдобрите четири селекции од групата А со најдобрите од Б, исто како и оние од Ц со најдобрите од Д.