Кадетите ја совладаа Србија, остануваме во борбата за 9 место

По стартните три порази во првата групна фаза на ЕП во Полска, нашата репрезентација ја оствари првата победа против репрезентацијата на Србија со резултат 23:20. Со оваа победа нашата репрезентација ги задржа шансите да се бори за 9. место на ЕП.

Првите 20 минути од натпреварот не ветуваа победа за нашите кадети. Напротив, репрезентацијата на Србија го контролираше натпреварот имајки сигурно водство од 9-5. Но со голот на Талески, Македонија се разбуди, успеа да направи серија од 5-0 за комлетно враќање во натпреварот. На полувреме се замина со резултат 9-9.

Во почетокот на вториот дел двете репрезентации најизменично се менуваа во водство, но нашите кадети играа стрпливо, не потпаднаа под притисокот, и во поголемиот дел од второто полувреме ја имаа контролата на натпреварот. Неловски и Талески стапија на сцена, потпомогнати од Ставридис, Велковски и останатите соиграчи за конечни 23-20 (9:9), победа со која нашите кадети остануваат во трката за 9. место на ЕП во Полска.