Кадетите со резултатски успешна генералка пред почетокот на Мундијалот

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја одигра единствената контролна средба пред Светското првенство, а на генералката беше забележана победа од 32:26 со што со триумф се влага на шампионатот. Чиле ја намачи одбраната на Македонија и се покажа како незгоден противник, но јасно е дека ќе биде далеку поинаку на официјалните средби.

Македонија тргна со гол од Младеновиќ. Имаше поддршка и од Кизиќ кој во првите неколку напади собра четири одбрани. Сепак, ова не се користеше во нападот бидејќи имаше грешки, па не се успеваше да се направи поголема предност.

Играта гол за гол траеше предолго. Македонија постојано беше во водство од еден гол, но Чилеанците успеваа да се снајдат и да вратат. Казнуваа преку бековите и пивотот, а секогаш кога навреме ќе беа затворени остануваа без идеја за реализација.

Првпат Македонија поведе со два гола со 8:6. Долго се бараше ова, но беше зачувано неколку минути. Во 27. минута дојде до 12:10, но потоа имаше лоша завршница на првото полувреме во кое противnикот дојде до два гола за нерешени 12:12.

Првиот дел од средбата Кизиќ го заврши со осум интервенции, Серафимов со четири гола, Младеновиќ и Костески со по два, додека Кондев, Божиновски, Карапалевски и Митиќ имаа по еден погодок.

Загубената предност од два гола беше вратена после само неколку минути игра во второто полувреме. Македонија набрзина дојде до предност од два гола, но овие два погодока постојано беа одржувани. Чиле намалуваше на еден гол, но не успеваше да направи повеќе така што остана постојано гол до два предност за Македонија.

И во вториот дел имаше премногу простор за лесни шутеви на противникот. Овој пат акциите беа главно преку крило. Сепак, на теренот беше комбиниран состав со оглед на тоа што во вториот дел шанса добија и дел од играчите кои во првото полувреме беа на клупата.

Отпорот на Чиле конечно беше скршен на десетина минути до крајот. Откако селекторот на Чилеанците побара тајм-аут работите се средија во редовите на Македонија и во само 2-3 напади предноста отиде на пет гола. Одбраната беше поагресивна, имаше повеќе подвижност, па тоа отвори простор за уште поголемо зголемување на водството.

Најголемото водство беше на две минути до крајот при 32:24. Овие осум гола паднаа на шест за конечни 32:26 така што Македонија имаше резултатски успешна генералка пред почетокот на Светското првенство, но ќе има уште за работа во следните денови пред одигрувањето на првиот меч на шампионатот.

МАКЕДОНИЈА – ЧИЛЕ 32:26 (12:12)

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (8 одб.), Петковски (3 одб.), Василевски (2 одб.), Серафимов 7, Кондев 4, Божиновски 1, Младеновиќ 5, Ѓоргиев, Какоски 1, Џигероски, Карапалевски 3, Мелоски, Гајиќ, Ников, Костески 2, Ќосески 2, Стојков, Симоновски 6, Митиќ 1, Трајковски.