Кадетите од денеска на тренинг пред турнирот во Полска

Машката кадетска репрезентација на Македонија денеска тргнува со подготовките за турнирот во Полска на кој ќе учествува во текот на следната седмица. Ова е турнир во рамки на ЕХФ-неделата и одлична можност за проверка на младите ракометари за кои ова е прв заеднички собир.

Брестовац повика 18 ракометари на кои смета за турнирот во Плоцк, а тие ќе треба да ја оправдаат довербата.

Првиот собир е денеска од 18 часот во Расадник, а на списокот има и ракометари кои веќе настапуваат во Супер лигата во тимовите на Вардар јуниор и Металург 2 така што тие ќе треба да го покажат своето искуство од силни натпревари.

Покрај тоа во составот е и Мартин Серафимов, кој е еден од најмладите стрелци во Лигата на шампионите, а сезонава покрај во најсилниот европски куп играше и во СЕХА-лигата.

Овие натпревари се во рамки на подготовките за настапот на шампионатот за кадети кој ќе се одржи следното лето, како и за Светското првенство за кадети кое се одржува во Скопје во 2019 година.