И ракометот до милионски суми: Андреас Волф во Кјелце за 4 милиони евра

Голманот на репрезентацијата на Германија и на тимот на Кил, Андреас Волф ги менува клупските бои, а вкупниот трансфер во Кјелце ќе изнесува вкупно четири милиони евра. Од нив три ќе завршат на сметката на Кил, а еден кај ракометарот кој блесна во дресот на Германија на последните големи натпреварувања.

Кјелце се одлучи на ваков чекор за да ја засили голманската линија, а Волф веќе извесно време се споменуваше дека ќе го напушти Кил бидејќи Ландин добива предност за голот. Во трка за него беше и Веспрем, но Кјелце даде најдобра понуда така што менаџерот на Волф, Саша Братиќ заврши одлична работа.

Волф ќе биде најдоброплатениот ракометар кој ќе заработи еден милион евра годишно и ќе игра за клуб кој ќе биде конкурентен за титулата во Лигата на шампионите. Кјелце е тимот кој триумфираше во ЛШ во 2016 година така што сега создава тим кој ќе може да игра подолг период заедно.

Во Кил дојде минатото лето откако претходно три години беше на голот на Вецлар. Има договор со „зебрите“ до 2019 година, но очигледно беше дека е незадоволен од статусот и дека сака во клуб каде што ќе може да биде прв избор. Талант Душебаев во него гледа столб на одбраната за подолг период така што ќе има можност да има стабилност на гол линијата со убедливо најдоброплатениот голман во моментов во светот.