И Охрид му зема мерка на Пелистер

Ракометарите на Охрид забележаа нова победа во подготвителните мечеви совладувајќи го битолски Пелистер со тесен резултат 31:30 (11:14). Мечот се одигра во спортската сала „Билјанини Извори“, како дел од подготовките на охриѓани за Купот на ЕХФ.

Битолчани подобро го отворија мечот и предноста ја чуваа до крајот на првиот дел кој го добија со три погодоци 11:14. На стартот од вториот дел „гладијаторите“ со добра игра во одбрана и ефикасна во напад го свртеа резултатот во своја полза.

До крајот се играше гол за гол, а во таква ситуација подобро се снајде охридскиот состав кој победи со минимални 31:30. Следен контролен натпревар охриѓани играат денеска против составот Металург во 18 часот. За Пелистер, пак, ова е трет пораз во серија, по поразите од косовска Беса и Металург.

Фото: ohridnews.com