И дамите знаат грубо: 3 црвени картони, 11 пенали и 17 исклучувања во Автокоманда

Ракометарките на Металург го добија дерби дуелот со Куманово, во рамките на 5 коло од Женската Лига. Интересен, борбен и ракомет со многу физички контакти имаше во салата во Автокоманда, а натпреварот го одбележаа и трите црвени картони за Јована Владева, Сара Стефановска и Александра Боризовска во вториот дел.

Гостинките водеа со голот на Боризовска, 0:1, а потоа Металург со серија од 4 голови, стигна до 4:1. До крајот на полувремето избраничките на Дамчевска поведоа и со 5 голови, 14:9. На почетокот на вториот дел Владева заработи црвен картон и гостинките стигнаа до 16:16.

Сепак нова црна дупка во нивната игра и Металург се одлепи на 19:16, а до крајот младиот домашен тим ја задржа разликата. Во меѓувреме поради три исклучувања, црвени картони добија Стефановска од домашниот тим и Боризовска од гостинската екипа.

Кумановки во финишот намалија на 23:20, но со головите на Смајлоска и Гајиќ ја запечати победата за конечни 25:20. Најдобра во домашниот тим беше токму Гајиќ со 9 голови, а Јана Калајџиевска даде 4, додека Пеовска со 8 и Боризовска со 5 беа најдобри кај гостинките.