И во вториот обид Вардар не успеа, в сабота ќе игра само за 3. место во Дамам

И во второто учество на Светското клупско првенство екипата на Вардар не успеа да се избори за место во финалето. Денеска во првиот полуфинален дуел вардарци ја прифатија играта на Кил и почнаа да се наттрчуваат, па тоа ги чинеше пораз на крајот од 30:34.

Стартот од средбата мина со многу голови. Имаше лесни погодоци и на едната и на другата страна, па веќе во 3. минута резултатот беше 3:3. Тука се виде дека ова ќе биде многу ефикасен натпревар, а двете екипи постојано реализира.

Вардар поведе на средина од првиот дел. Во 18. минута имаше 12:10, а малку потоа и 14:11. Сепак, овие три гола предност ги снема набрзина откако место полека и без брзање вардарци почнаа да се обидуваат набрзина да ги завршат нападите, а тоа носеше само лесна егзекуција од Кил.

Тоа донесе и негатива за Вардар, па од плус три до крајот на одморот разликата отиде до минус два, 17:19.

Второто полувреме продолжи во ист стил. Во 36. минута Вардар имаше 20:22 и тука почна големата криза за која Писонеро немаше решение девет минути, па мораше за кратко време да бара тајм-аут за да успее да дојде до погодок.

Филип Јиха постави одбрана 3-2-1, а вардарци не можеа никако да се снајдат со оваа игра и да дојдат до шут. Бековите беа отсечени, пивотите тешко можеа до чист шут, а крилата и кога ќе дојдеа до топка тешко наоѓаа начин да го совладаат Ландин кој бранеше одлично. Запре неколку удри и помогна во 44 минута од средбата резултатот да биде 20:29.

Вардар дојде до гол дури во 45 минута, но деветте минути во кои никако не можеше да се дојде до реализација го чинеа премногу. Серијата од 7:0 на Кил придонесе за рано решавање на овој натпревар, па послените 15 минути беа само формалност.

Ова беше многу слабо издание на Вардар и едно од најслабите полувремиња во последните години. Не одеше ништо во нападот, но и имаше премногу обиди за солирање, игра од која вардарци ги одвикнаа своите фанови.

Сепак, ова е само старт на сезоната и има доста време да се крева формата на Вардар. Денешната средба покажа многу слабости, па Писонеро ќе има многу за работа во следниот период.

ВАРДАР – КИЛ 30:34 (17:19)

Сала: Спортска сала во Дамам. Судии: Мирза Куртагиќ и Матијас Ветервик од Шведска. Делегати: Јосип Посавец од Хрватска, Седрез Салвио од Бразил и Мортен Пер Содал од Норвешка.

ВАРДАР: Гедбан (8 одб.), Кугис (1 одб.), Кизиќ, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 3/7, Пелко 3/3, Дисингер 2/4, Атман 2/2, Скубе 2/4, Чупиќ 5/10, Дибиров 5/10, Горбок 1/2, Шишкарев 5/7, Горпишин 2/4.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 6 мин.

КИЛ: Н. Ландин 0/1 (9 одб., 2 сед.), Квенштед (6 одб., 1 сед.), Дувњак 2/2, Рајнкинд 3/6, М. Ландин 3/5, Кристјансон, Вајнхолд 1/2, Винцек 1/1, Екберг 6/8, Рамел 2/2, Дамке 2/2, Зарабец 2/3, Хорак, Билик 9/9, Пекелер 1/4, Нилсон 2/5.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.