ИХФ СУПЕР ГЛОУБ: Лазаров постигна речиси половина од головите, но Барселона остана без финале

Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров заедно со своите клупски соиграчи не успеаа повторно да се пласираат во финалето на светскиот Супер Куп. Во Доха, на патот на Барселона застана германскиот претставник Фуксе Берлин, екипа која го освои ЕХФ Купот минатата сезона.
Веќе традиционално, ИХФ на почетокот на новата сезона го организира светскиот ИХФ Супер глоуб во Доха, каде учество земаат најквалитетните екипи од пет континенти во светот. Африканците ги претставуваат египетскиот шампион Ал Ахли и тунискиот првак Африкански Клуб (Club African), меѓу трите европски екипи беа Барселона, Веспрем и Фуксе Берлин, Јужна Америка ја претставуваше бразилскиот спортски клуб Таубате, Австралија клубот Сиднеј, а Азија свој претставник имаше во домаќинот на турнирот Ал Садд.
Освен сензационалниот триумф на австралискиот претставник во четвртфиналето на овој турнир против домаќинот Ал Садд(20-21), вечерва, во полуфиналето, победникот на ЕХФ Купот, Фуксе Берлин со минимална разлика го совлада актуелниот победник во Лигата на шампионите, ФК Барселона за крај на доминацијата на каталонскиот гигант во Доха.
Актуелниот шпански првак по првите триесет минути имаше предност од три голови, но иако Лазаров постигна речиси половина од головите на Барселона (беше прецизен 11 пати), останатите ракометари одиграа под својот просек, затоа европскиот шампион не успеа да ја задржи предноста до самиот крај. Лошата реализација на ракометарите на Барселона овозможи оваа година ИХФ Супер глоуб трофејот да има нов сопственик. Филип Јиха со четири погодоци беше втор стрелец во тимот, додека Сипржак постигна еден гол од еден обид за новиот клуб.
Во финалето покрај Фуксе Берлин ќе игра финалистот од Фајнл Фор турнирот во Келн, унгарскиот претставник Веспрем, кој во второто полуфинале ја совлада екипата на Сиднеј.

РЕЗУЛТАТИ
ВЕСПРЕМ – ТАУБАТЕ 27 : 24 (12: 12)
БЕРЛИН – АФРИКАН КЛУБ 27 : 24 (14: 12)
БАРСЕЛОНА – АЛ АХЛИ 20 : 16 (12: 8)
АЛ САДД – СИДНЕЈ 20 : 21 (10: 9

ПОЛУФИНАЛЕ
БЕРЛИН – БАРСЕЛОНА 26 : 25 (12: 15)
СИДНЕЈ – ВЕСПРЕМ 17 : 29 (5: 9)

ФОТО:Stephane Pillaud/IHF