ИХФ во Доха го тестираше новиот систем „Видео доказ“

Честа да го судат финалниот меч на ИХФ Супер Глоуб го имаа данските судии Мадс Хансен и Мартин Гјединг. сепак нивната улога беше поголема и носеше двојна тежина бидејќи ИХФ токму на овој натпревар започна да го тестира новиот систем наречен „Видео доказ“, кој би требало да им помогне на луѓето во црно да донесат правилни конечни одлуки. Се работи за систем од камери кои се синхронизирани и подготвени да им ја дадат вистинската слика на судиите доколку има некоја спорна ситуација. Свое деби новиот систем налик на оние од кошарката и ватерполото, треба да го има на Светското Првенство во Франција на стартот на следната година.

„Тука сме за да видиме како изгледа тоа, и да ги дадеме своите сугестии како да се подобри овој систем. Ќе има камера, која ќе ги следи само полињата каде што се вршат измени, така што брзо ќе се утврди дали има грешки. Ќе има камери на головите и ќе може да се види дали топката е внатре. Ќе може од осум различни агли да се следи секоја ситуација на теренот.“ – изјави судијата Гјединг.

„Ќе имаме многу мечеви кои ќе се играат по новите правила, а прв пат беа имплементирани на Олимписките Игри и се чувствуваме подготвени за стартот на новата сезона.“ – заврши Гјединг.

Новиот систем во фаза на тестирање се појави на неколку големи натпреварувања во младинските категории, како и на Светското првенство за жени кое минатата година се одржа во Данска. Токму во Данска се покажаа првите проблеми кои резултираа со отстранување на системот на половина од првенството.

Со новиот видео надзор многу спорни ситуации повеќе нема да се темелат на судиското расудување, туку на точно определени правила кои ќе бидат потврдени и од делегат супервизор кој ќе раководи со овој систем.