ИСТО КАКО ДОСЕГА: Вардар – Барселона ќе гледате или на Арена или на стримови на интернет!

Како што почна сезонава во најелитното клупско ракометно натпреварување – без преноси на македонска телевизија, така и ќе заврши.

На стартот од оваа кампања ниту една наша ТВ куќа не ги откупи правата за преноси од натпреварите во Лигата на шампионите, па навивачите мораа да бараат стримови на интернет. Оние што го имаат спортскиот канал Арена Спорт на своите кабелски оператори, за кој се доплаќа одредена сума и не влегува во основниот пакет, го имаа задоволството да ги следат настапите на Вардар и да се радуваат.

ТВ правата за завршниот турнир не се продаваат одделно, па телевизиите што ги откупиле правата за Лигата на шампионите уште од стартот на сезоната, ќе можат да ги пренесуваат четирите дуели од Ф4 во Келн.

Тоа значи дека за саботниот дуел на Вардар против Барселона, веќе знаете што треба да правите. Или да доплатите за да гледате Арена Спорт или да барате стримови по интернет.