Историско финале за репрезентацијата на Холандија

Изненадувањето на 22-то Светско ракометно првенство, Холандија, со победа во полуфиналето против Полска обезбеди место во финалниот натпревар, а нивна пречка ќе биде подобриот од дуелот, Норвешка – Романија. Иако Холандија на моменти имаше и осум голови разлика, сепак на крајот славеше со плус пет, 30:25 (15:8).

Репрезентативките на Полска лошо го отворија натпреварот, додека на спротивната страна, Вестер, Полман и Грот беа предводници на селекцијата на Холандија. Шутеви од неизградени позиции и слабата одбрана беше причина за високата негатива на Полска во првиот дел. Во второто полувреме репрезентативките на Холандија почнаа предвреме да го слават влезот во финалето, а сето тоа го искористија избраничките на Ким Расмусен кои со серија голови намалија на минус три разлика во последните осум минути од натпреварот. Последниот гол на натпреварот го постигна Еставана Полман за историско финале за репрезентацијата на Холандија која во последните четири години бележи голем напредок.

Најефикасна на натпреварот беше Полман со осум погодоци. Во поразениот табор, Каролина Кудлач, постигна пет погодоци.