Искуството, сепак, пресудно: Охриѓани се намачија за трите бода против Вардар јуниор

Ракометарите на Охрид се изборија за тешки три бода на гостувањето во Скопје против Вардар јуниор во меч во кој домашните беа одличен ривал кој 60 минути се надигруваше со противникот. Беше видливо дека во клучните моменти од средбата нијанси решаваа кој ќе дојде до триумф, а охриѓани покажаа дека се поискусни.

Во текот на целата средба имаше надигрување. Вардар јуниор тргна сигурно, но малку беше потребно Охрид да се врати во мечот и да го сврти резултатот во своја корист. Имаше плус три во првиот дел при 9:12, но тоа не гарантираше голема сигурност бидејќи малите вардарци знаеја што сакаат и се бореа со сите сили. Успеаја да се вратат во игра и до крајот на првиот дел намалија на 16:17.

Во продолжение домашните тргнаа посилно. Ја користеа секоја невнимателност во играта во одбрана на противникот, а тоа носеше резултат и голови. На средина од второто полувреме Вардар јуниор имаше предност од два гола и водеше со 27:25. Тука се најавуваше изненадување, а кога Вардар поведе и со три разлика при 29:26 стана јасно дека Охрид има само една шанса за враќање, а тоа е во последните 7-8 минути да нема воопшто грешки.

Серијата од 4:0 на Охрид ги сврте работите во позитивен правец, а Вардар јуниор не успеа да го издржи притисокот. Домашните израмнија на 30:30, но тоа беше сè бидејќи гостите од Охрид со три гола по ред успеаја да стигнат до голема предност која им донесе три бода кои ќе бидат многу важни во борбата за местата кои водат во плеј-оф.

ВАРДАР ЈУНИОР – ОХРИД         31:33 (16:17)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачо: 100. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Марјан Начевски од Скопје.

ВАРДАР ЈУНИОР: Н. Кизиќ, М. Кизиќ, Димов 4, Анѓелковски, Чакалиќ, Крстевски 6, Мишевски 4, Трајковски, Владимиров, Карапалевски, Трпчевски 7, Николовски 2, Димитровски 2, Гашоски, Кукуловски 6, Цветановски.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 10 мин.

ОХРИД: Трајкоски, Стојаноски, Андоноски 6, Ивановски, Младеновски 3, Блажески 7, Костов, Ристески, Бирдахиќ, Спасовски, Тасески, Андоновски, Адамовиќ 2, Димитриески 9, Кљајиќ 6.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 2 мин.