Искрени коментари од Дибиров: Убаво е кога победуваш, а не играш најдобро

Стрелецот на последниот гол за Вардар и редовно еден од поефикасните, Тимур Дибиров имаше искрени коментари после завршениот меч против Нант. Иако Вардар победи, тој имаше и критички осврт.

„Се виде дека имаше нервоза на терен. Играа две екипи коишто немаат пораз. Добро е кога победуваш и кога не играш добар ракомет и кога нешто не функционира како што треба. Меѓутоа на таков начин може да се дојде до добар резултат. Во таков момент се гледа големината на еден тим и затоа може да бидеме задоволни. Кога играме добар ракомет тогаш е полесно. Ние бевме свесни и пред мечот со каков противник се соочуваме, а Нант има квалитет за да изненади многу поквалитетни ривали и до крајот ќе има многу победи“, изјави Дибиров.

Претставник на играчите на Нант на пресот беше голманот Сирил Думолин, кој во второто полувреме имаше само една одбрана.

„Знаевме дека ќе биде многу тешко. Дојдовме за да направиме добар резултат и мислевме дека можеме да го сториме тоа. Одигравме како што одигравме и сега ни останува да се подготвиме за дуелот против Рајн Некар. Од она што го одигравме можеме да оствариме добар резултат до крајот“, рече Думолин.