ИН МЕМОРИАМ: Згасна перото на највлијателниот ракометен новинар, Јозеф Симон

Беше една од најсветлите точки во новинарските ракометни кругови. Човек кој научил српски за да се разбере со хрватски тренер, човек кој имаше посебно место кај сите играчи и ракометни работници… Беше еден од најважните спортски пера во својата родна Унгарија, неговото влијание, разбирање за ракометот и лесната мисла го правеше она што е, Јозеф Симон!
Денес на 64 годишна возраст, во сообраќајна несреќа, Немзети Спорт, Унгарија и ракометниот свет го загуби спортскиот новинар Јозеф Симон.
Минаа првенства кои тешко можат да се избројат. Многу играчи, тренери поминаа низ нашите ракометни текстови, но почитта која Симон ја имаше кај секој од нив единствено можеше да ја има тој.

Ни беше домаќин во Сегед, како што е ред ја добивме веројатно најдеталната обиколка на една спортска сала… Во Келн го кажавме последното збогум со искрени честитки за титулата на Вардар и на шега „Ќе бидете подобри следната сезона!“.

Не знаевме дали Вардар повторно ќе заигра таму, но си ветивме повторна средба, можеби некаде на некое друго место…