Интересно е во Првата лига: Три реми исходи во пет натпревари

Тимот на Вардар 2 испушти победа над составот на Преспа и одигра само нерешено 31:31. Мечот беше полн со пресврти и неизвесност. Вардар 2 имаше водство во првото полувреме од 8:4, 10:6 и 14:10. Гостите за кратко време направија целосен пресврт во резултатот, и со серија од 9:3 го преземаа водство, 19:17 на полувреме.

Во второто полувреме Преспа го диктираше темпото и резултатот, па брзо зголемија на плус 4 за 23:19. На Вардар 2 му требаше извесно време, да се стабилизира, и да израмни на 26:26. Потоа се играше гол за гол до крајот. Иако младите вардарци имаа водство, 30:29 и двајца играчи повеќе, сепак не погодија. Тоа го искористи Преспа да израмни на 30:30. Потоа следуваше по еден гол на двете страни, а Вардар 2 го имаше и последниот напад, но без закана кон голот и дуелот заврши 31:31. Димитров за Вардар 2 даде 7 голови, додека Башевски за гостите постигна дури 13 голови.

Тимот на Македонија ЃП, можеби по малку изненадувачки не успеа на свој терен да го победи Спартак и се спаси од пораз во финиш, па одигра 27:27.  Домашните не поведоа ниту еднаш на овој меч, а гостите имаа предност од 25:27 во самиот финиш, но не издржаа и приија два гола за 27:27. Александар Ѓорѓевски и Митревски дадоа по 9 голови за домашниот тим, додека кај гостите се истакна Ангеловски со 7 голови.

Третото реми во ова коло во Првата Лига беше во Куманово, каде истоимениот тим одигра само 19:19 со Младост од Богданци. Иако гостите играа само со 11 ракометари, предводени од поранешниот репрезентативец Митко Стоилов имаа шанса за победа и водеа во финишот со 19:17, но примија два гола и дуелот на кој имаше 15 израмнувања на резултатот заврши со поделба на бодовите. Најпрецизни кај домашните беа Тасевски, Миладиновски и Ангеловски со по 5 голови, додека Стоилов даде 7 за Младост.

Ринија победи на гостувањето во Кавадарци со 27:25 кај составот на Тиквеш. Предводник на гостинскиот тим беше Филип Анѓелковиќ со 13 голови, додека за домашниот тим Виденовиќ и Витанов дадоа по 6 голови.

Струга славеше победа со 29:26 на гостувањето кај Текстилец во Штип. За домашните премалку беа 13 голови на Васе Петров, додека кај гостинските ракометари се исткана Бајрамоски со 6 голови, Нацев, Јанкулоски и Арсоски дадоа по 5 голови.