Интересен меч на стартот: Пролет и Металург 2 играа „падни-стани“, на крајот си поделија по бод

На отворањето на Супер лигата, ракометарите на Пролет, ремизираа на премиерниот меч во нивната сала со Металург 2,26:26. Гостите беа засилени со Давор Палевски, Горан Крстевски и голманот Антонио Пешевски од првиот тим на Металург, беа тврд орев за домаќинот. Мечот беше многу повеќе интересен отколку квалитетен. Секогаш кога домашните ќе направеа повисока предност, гостите успеваа да се вратат, па со второто изрманување во мечот, она последното, 26:26, стигнаа и до бод.

Со оглед на почетната предност за Пролет со 5:0, сите помислија дека ќе гледаме неинтересен меч. Димитриоски од пенал го постинга првиот гол за гостите дури воседмата минута за 5:1. Серијата на гостите продолжи преку расположениот Крстевски и Металург 2 стигна до 5:4 во 10 минута, Подолго време беше актуелен резултатот 6:4, се до 17 минута, кога Андоновски донесе плус 3 за домашните, 7:4. Истиот играч успеа уште еднаш да и побегне на гостинската одбрана и донесе 8:4, додека десното крило Ролевски ги врати петте голови предност од стартот и погоди за 9:4. Беше и 10:5, па 11:6, но упорните гости не се предаваа и успеаја да стигат и до 13:12 до крајот на првиот дел.

На почетокот на вториот дел гостите стигнаа до првото израмнување, 13:13, но потоа не псотигнаа гол цели 8 минути. Крстевски имаше преголема слобода во нападот, често грешеше и неговите топки завршуваа како лесен плен за голманот Кимевски. Конечно Димитриоски погоди од пенал за 18:14. Потоа беше и 19:15, па 20:16, а домашните никако не можеа да отидат на повеќе од плус 5 разлика. Крстевски пак почна да погодува од далечина и Металург 2 се доближи на 20:18, што беше причина домашниот тренер Темелковски да побара тајм-аут.

Гостите намалија и на 20:19, па во следниот период се играше практично гол за гол, со тоа што домашните секогаш беа во предност од еден или два гола. Ролевски од пенал донесе 25:22 во 55 минута, а најдобриот гостински играч Крстевски повторно стрелаше за 25:23 и најави интересна завршница. Гостите намалија и на 26:25 во 58 минута. На почетокот на последната минута Крстевски направи фаул во напад, па Пролет го имаше последниот напад. И домашните направија грешка, па останаа уште пет секунди до крајот. Горан Крстевски ја презема одговорноста и стрелаше од девет метри во голот на Кимевски за 26:26 и голема радост на гостите.

Најдобар поединец во домашниот тим беше Ласко Андоновски со 8 голови, додека десното крило Ролевски постигна 6 голови. Кај Металург 2 се истакна Горан Крстевски со 7 голови, а Димитриоски и Танкоски погодија по 5 пати.