ИНТЕРВЈУ СО ЈАНЕ ЦВЕТКОВСКИ: Немам никакви очекувања, но знам дека ова е вистинската шанса за мене

Македонската репрезентација по пласманот на Европското првенство во Хрватска повторно се собра во Скопје каде ќе одработи дел од подготовките за континенталниот собир. Новата недела на ЕХФ донесе и ново име Јане Цветковски. Гоманот на Иштад за прв пат е меѓу сениорите откако во 2007 беше дел од македонската младинска репрезентација.

За секој спортист е огромна работа повикот во репрезентација, особено кога имаш можност да соработуваш со ваков тренер и да ги забележат твоите квалитети.-вели Цветковски

Својата ракометна кариера ја градеше во Скопје, Тополчани, Сараево, Хелсинборг. Ракометниот пат го одведе во најсилната шведска лига, а ракометниот клуб Иштад му понуди високи амбиции и спортска надеж.

Шведската лига има голем напредок, можам да кажам дека е меѓу четирите лиги во Европа. Се работи квалитетно посебно внимание се обрнува на индивидуалната работа на играчите, секој ја добива своја шанса, а ако си квалитетен може да те забележат и во соседните лиги па да добиеш шанса да настапуваш и таму.- истакнува македонскиот голман.

Неговите спортски почетоци се поврзани со кошарката. Како млад талент тој дојде до највисокото ниво, разочаран од атмосферата во која се развива македонската кошарка отвора ново поглавје во својот спортски живот како ракометен голман во Пролет.

До 19 години професионално се занимавав со кошарката, како сега што се занимавам со ракометот. Тогаш добив и повик во младинската кошаркарска репрезентација, но некако загубив желба и се откажав на 19 години. После една година измината во ракометот бев повикан од тогашниот селектор на младинската репрезентација Вујовиќ, да настапувам во Охрид на Светското првенство. Убаво е чувството да си меѓу твои луѓе, да настапуваш за твојата Македонија. Чест и задоволство…

Македонија има голема конкуренција меѓу стативите. Квалитетот и искуството го диктираат изборот на селекторот Раул Гонзалес. Цветковски вели дека шансата и довербата која ја добил треба да ја оправда во оваа ЕХФ недела.

Секогаш сме имале квалитетни голмани, како што сега го имаме Борко Ристовски, кој за мене е најдобриот македонски голман и сите треба да го следиме неговиот пат за да бидеме и ние  добри во тоа што го правиме.

Овојпат, покрај мене тука се уште двајца голмани кои навистина се квалитетни. Се надевам дека оваа недела ќе имам шанса да го покажам она што знам. Немам никакви очекувања, знам дека ова е вистинска шанса за мене, а што ќе биде понатаму ќе видиме…

Шведска засега е посакуваната дестинација за македонскиот голман…

Од она како работам и како се посветувам на она што го работам, засега се гледам таму. Немам проблем со системот иако навистина се тренира многу. Секој ден има по два тренинга на ден кои траат повеќе од два часа. Сакам да работам сакам да напредувам, кога ќе имам 40 години сакам дополниутелно да напредувам, бидејќи секогаш се учи. Во Шведска се пронаоѓам, немам никакви проблеми…

Со екипата на Хелсингборг, Цветковски успеа да се избори за влез во најсилната шведска лига, за оваа година да премине во Иштад, стабилна екипа од средината на табелата. Но македонскиот голман потенцира дека оваа сезона амбициите на новиот клуб се повисоки, а за излез во Европа.

Во овој момент Иштад е трет, да бидам искрен, клубот посакува да биде меѓу четирите најдобри екипи. Според мене и моето гледање се надевам дека оваа година ќе играме финале, бидејќи имаме квалитетен тим, на секоја позиција имаме по два три квалитетни играчи. Тренерот е навистина квалитетен и посветен, професионалец во она што го работи.

Во Иштад настапува и поранешниот шведски репрезентативец Ким Андерсон, човек кој ја одбележа изминатава декада во шведскиот ракомет. За него Цветковски има само пофални зборови.

Ким Андерсон е човек кој има освоено Лига на шампиони три пати, а се однесува како обичен човек. Навистина е пријатен. Во тоа што го работи е професионалец. На 36 години тренира повеќе од играчи кои се помлади од него 8-9 години. Човекот го има ракометот во малиот прст и прекрасно е чуството да се соработува со него бидејќи има што да научиш и што да слушнеш.