Илиев броеше до 15, Борец го совлада Вардар Јуниор

Ракометарите на Борец, предводени од Ивица Илиев го совладаа тимот на Вардар Јуниор со 37:33, во натпревар од 5 коло во Суперлигата. Избраниците на Васко Василев се чини дека одиграа толку колку што требаше да го победат гостинот од Скопје.

На почетокот младите вардарци го диктираа темпото, водеа во неколку наврати со по еден гол разлика, но по 7:8, Борец направи серија од 3 голови за 10:8 и оттогаш до крајот не го испуштија водството, кое изнесуваше максимално 7 голови.

На пауза велешани имаа солидна залиха од 5 голови, 21:16. Избраниците на Стојан Петрушевски се што направија во второто полувреме, беше тоа што се доближија на минус 3, 32:29 и 33:30, но веќе беше доцна за некаков пресврт и натпреварот заврши со 37:33.

Најдобар поединец во победничкиот тим беше Ивица Илиев со 15 голови, додека по 6 дадоа Антонио Јаневски и Илија Крстевски. Кај Вардар Јуниор, Дејан Кукуловски даде 10 голови, додека Стефан Трпчевски 9 пати се запиша во листата на стрелците.