Илиев: Ако се разбрани Трајкоски, лошо ни се пишува

Дербито на 7 коло во Суперлигата ќе се игра вечерва во салата „Гемиџии“ во Велес, каде Борец ќе го пречека Охрид. Двете екипи имаа(т) проблеми по менувањето на градската власт, но добија ветувања дека ситуацијата ќе остане минимум на исто ниво. Атмосферата можеби не е најдобра, но двете екипи се решени да го дадат својот максимум. Еден од најдобрите стрелци во Борец, Ивица Илиев посакува што побрзо да се среди актуелната ситуација во клубот и ја посочува главната опасност за неговиот тим.

„Екипата на Охрид ја познаваме доволно, тие се една од најдобрите екипи во Суперлигата. Имаат одлична бековска линија, брзи крила, но најголемата опасност според мене доаѓа од голманот Благојче Трајкоски, кој доколку се разбрани лошо ни се пишува. Сепак фаворитската улога им ја препуштаме на нив, но тоа е уште поголем за нас да ги победиме.“ – вели Илиев.

Средниот бек се осврна и на проблемите со кои се соочува Борец.

„Проблемите во клубот се уште се актуелни, и ние сме во исчекување што ќе се случи. Локалната самопуправа се изјасни на социјалните мрежи дека ќе продолжи да финансира во клубот, но никој се нема појавено да го потврди тоа. Се надеваме дека ќе знаеме на што сме, за да можеме комплетно да се фокусираме на тренинзите. И Охрид се соочува со слична ситуација, па денеска ќе дадеме максимум, за момент ќе заборавиме на проблемите и нека победи подобриот.  До крајот на овој месец ни следуваат многу важни натпревари и ние ќе се обидеме да го повториме ланскиот успех.“ – завршува Илиев.

Мечот меѓу Борец и Охрид се игра вечерва со почеток во 19:30 часот.