Изненадување во Ѓер: Митјиланд го шокираше унгарскиот вицепрвак!

Во второто коло од Лигата на шампионките од Ц групата се судрија Ѓер и Митјиланд. Данскиот шампион одигра блескава партија против Ѓер и победи со резултат 26:21 (11:11). Со победата против Ѓер, екипата на Митјиланд уште еднаш ги потврди своите амбиции, повторување на успехот од сезона 2013/14 кога тимот играше на завршницата во Будимпешта.
Иако оваа сезона Митјиланд направи големи промени во играчкиот кадар, сепак новите засилувања, Бургард, Војчиќ, Кристијансен и Алм одлично си ја завршија својата задача против Ѓер. Најефикасна на натпреварот беше Бургард со осум погодоци, додека шест додаде Јоргенсен. Во Ѓер се истакна славната Анита Горбиц со пет погодоци.

Македонскиот шампион, ЖРК Вардар, го очекува пеколна битка против Митјиланд во третото коло. Со победата против Ѓер, екипата на Митјиланд го презеде лидерското место на табелата.