ИДЕАЛЕН ТИМ НА 9. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 9. коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Пелистер славеше на уште еден дерби натпревар, овојпат против Охрид и се зацврсти на лидерската позиција, додека Борец и покрај интерните проблеми, не виде мака против Металург 2. Радовиш и Прилеп одиграа нерешено, во интересен натпревар, додека Е. Работник и покрај израмнетиот прв дел во второто полувреме го скроти Вардар Јуниор.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 9 коло:

Вардар Јуниор – Е. Работник 17:24
Пелистер – Охрид 23:21
Борец – Металург 2 38:32
Прилеп – Радовиш 26:26

ГОЛМАН: Милош Рајчиќ Пелистер

Тимот на Алушевски во интересен натпревар славеше над Охрид, а српскиот голман беше еден од најзаслужните поединци за триумфот што беше седми по ред за битолчани.

ЛЕВО КРИЛО: Мирко Мајиќ Радовиш

Иако поголем дел од натпреварите ги минува како лев или среден бек, сепак Мајиќ даде 7 голови против Прилеп, 3 од нив во решавачките моменти кога се одлучуваше мечот.

ЛЕВ БЕК: Теимураз Орјоникидзе Пелистер 

Грузиецот одигра маестрално на дуелот со Е. Работник, но не беше полош ниту на дуелот со Охрид, кога постигна 6 голови.

СРЕДЕН БЕК: Ивица Илиев Борец

14 постигнати голови, па макар и против Металург 2 не смеат да останат незабележани, па органиаторот на играта на Борец се најде во идеалниот тим.

ДЕСЕН БЕК: Лазар Адамовиќ Охрид

Заедно со Димитријески, српскиот десен бек беше ударната игла во нападот на Охрид, но сепак тоа не беше доволно за поволен резултат на гостувањето кај Пелистер

ДЕСНО КРИЛО: Томислав Јагуриновски Пелистер

Иако Мојсоски, Шилегов и Чантурија беа поефикасни од Јагуриновски, сепак тој доби место во идеалниот тим поради важноста на головите кои беа постигнати во клучни моменти против Охрид.

ПИКЕР: Васко Димитровски Пелистер

Искусниот пикер беше еден од главните алки во нападот на Пелистер и постигна 5 голови во победат над Охрид што го зацврсти битолскиот тим на врвот.