ИДЕАЛЕН ТИМ НА 8. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 8. коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Пролет ја продолжи победничката серија под водство на Никола Матлиески и славеше над Металург 2 во Автокоманда. Охрид навидум без проблем, но сепак се помачи против Прилеп, кој играше без тројца првотимци. Радовиш очекувано го победи Борец, кој повеќе мисли на проблемите од финансиска природа, додека во дербито на колото, кое не беше дерби, Пелистер му нанесе висок пораз на Е. Работник.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 8 коло:

Охрид – Прилеп 30:28
Металург 2 – Пролет 29:33
Е. Работник – Пелистер 17:25
Радовиш – Борец 25:21

ГОЛМАН; Александар Стојаноски (Охрид)

Стојаноски по подолго време доби шанса меѓу стативите на Охрид и се покажа во одлично издание. Тој забележа 12 одбрани и беше една од клучните фигури во тимот на Горан Андоновски кој славеше над Прилеп

ЛЕВО КРИЛО: Стефан Трајковски (Пролет)

Трајковски не добиваше многу шанса во претходните натпревари, но сега ја доби довербата од Матлиески и ја оправда. Играше во двата правци и постигна 3 голови во убедливата победа на Пролет во Автокоманда

ЛЕВ БЕК: Теимураз Орјоникидзе (Пелистер)

Без конкуренција грузискиот интернационалец беше клучен играч во тимот на Алушевски во победата над градскиот ривал Е. Работник. Орјоникидзе постигна 12 голови и беше нерешлива енигма за одбраната на Темелковски.

СРЕДЕН БЕК: Славиша Димитријески (Охрид)

Димитријески по заминувањето на Кежиќ од Охрид добива се поголема доверба од Андоновски и ја оправдува со игрите на теренот. Постигна 5 голови против составот на Прилеп и заедно со голманот Стојаноски и пикерот Кљаиќ беа најдобри поединци.

ДЕСЕН БЕК: Милан Левов (Радовиш)

Левов, беше најдобриот поединец со 6 постигнати голови во составот на Љупче Мијалов на саботниот натпревар со велешки Борец. Некогашниот ракометар на Металург и Вардар се враќа во старата форма и тоа може да биде само плус за Радовиш во следниот период.

ДЕСНО КРИЛО: Реваз Чантурија (Пелистер)

Прекалениот борец беше еден од најкорисните ракометари во составот на Пелистер во големата победа над градскиот ривал Е. Работник. Постигна 3 голови, но одигра добро и во одбраната на „зелено-белите“ која прими само 17 голови.

ПИКЕР: Томислав Кљаиќ (Охрид)

Хрватскиот интернационалец заедно со средниот бек Славиша Димитријески беше најдобар стрелец во победата на Охрид над Прилеп и постигна 5 голови. Како одминува сезоната така Кљаиќ игра се подобро и подобро и е од голема корист во тимот на Андоновски,