ИДЕАЛЕН ТИМ НА 6. КОЛО ВО СУПЕР МАШКАТА ЛИГА (АНКЕТА)

Средбите од 6. коло во Супер машката лига донесоа 291 погодок што беа точно 30 повеќе во однос на минатото коло. Ова беше коло во кој стрелците беа расположени, а дури на три меча имаше над 60 погодоци.

Ова коло ќе остане одбележано од „Езерското дерби“ во кое составот на Охрид славеше над Струга со 26:23. Средбата донесе интересен ракомет, возбудувања на трибините и патка на теренот која е маскота на гостинските навивачи.

На сите средби победија домашните состави. Ниту еден од гостинските тимови не успеа да се избори за триумф и мораше да потпише капитулација. Сите желби да се дојде до нешто повеќе завршија рано, а покрај Охрид на победи се израдуваа и Еурофарм Работник, Пелистер, Пролет и Бутел Скопје.

Од петте натпревари тимот на 24 Ракомет ги одбра најдобрите седум, а Вие со вашите гласови можете да го одберете најдобриот играч во колото.

Својот глас за ракометарот за кој сметате дека бил најдобар можете да го дадете во продолжение (Доколку анкетата не ви се појави веднаш почекајте неколку секунди за да биде вчитана).

ИДЕАЛЕН ТИМ НА 6. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА

ГОЛМАН: Милош Рајичиќ (Пелистер)

Солидна партија од голманот на битолчани кој во моментите кога Пелистер ја правеше разликата против Радовиш покажа добра партија и им овозможи на своите колеги да стигнат до позитива која на крајот беше доволна за да се дојде до победа. Пелистер имаше добар ден, а Рајичиќ дефинитивно покажа дека е столб на одбраната.

ЛЕВО КРИЛО: Милан Поповиќ (Пелистер)

Уште еднаш репрезентативецот на Црна Гора ги предводеше колегите во нападот. Одигра одлична средба и беше максимално ефикасен. Тој постигна четири гола во првото полувреме и уште седум во вторите 30 минути и со ова беше играчот кој доминираше во нападот, па оттаму уште еднаш е номиниран во најдобрата седумка.

ЛЕВ БЕК: Дарко Георгиевски (Охрид)

Имаше клучна улога и во нападот и во одбраната. Одигра одлично и со шест гола беше најефикасниот во редовите на победничкиот тим во Езерското дерби. Тој одигра добро и во одбрана. Ова ќе биде можност за него да ја одбрани првата позиција од минатото коло бидејќи беше играчот со најмногу гласови и МВП на 5. коло.

СРЕДЕН БЕК: Димитар Георгиевски (Бутел Скопје)

Составот на Бутел Скопје имаше лесен ривал во Борец и рано во мечот успеа да стигне до победата. Димитар Георгиевски одлично го одигра овој дуел, а покрај тоа што беше стрелец на седум гола, тој успеа да реализира и неколку асистенции. Оттаму после еден ваков меч си најде место во Топ 7 за 6. коло.

ДЕСЕН БЕК: Никола Ивановиќ (Еурофарм Работник)

Ракометарот од Србија кој игра на позицијата десен бек во Еурофарм Работник, Никола Иановиќ имаше натпревар во кој десетпати го матираше голманот на прилепчани. Тој одработи добар натпревар и со десетте гола беше еден од поефикасните во 6. коло. Ивановиќ беше еден од подобрите во составот на Еурофарм Работник и местото во најдобрите седум е награда за него.

ДЕСНО КРИЛО: Бобан Блажески (Охрид)

Екипата на Охрид има уште еден играч во најдобрите седум, а тоа е секогаш константниот Бобан Блажески кој и на оваа средба против Струга одигра на високо ниво особено во нападот каде имаше шест погодоци. Со ова се избори да се најде пред конкуренцијата на својата позиција која е доста голема сезонава.

ПИВОТ: Филип Василевски (Пролет)

Пролет успеа да се снајде одлично против тимот на Вардар јуниор и да забележи висока победа. Во еден таков меч каде сите што беа на теренот го дадоа својот придонес за победата, Василевски беше играчот кој донесе добра игра во нападот, а таму четирипати беше прецизен. На тој начин Василевски и си го најде местото во овој тим на колото.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ ОД 6. КОЛО

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК– ПРИЛЕП          38:24 (ИЗВЕШТАЈ)

ПЕЛИСТЕР –РАДОВИШ               40:28 (ИЗВЕШТАЈ)

ПРОЛЕТ – ВАРДАР ЈУНИОР        29:19 (ИЗВЕШТАЈ)

ОХРИД – СТРУГА             26:23 (ИЗВЕШТАЈ)

БУТЕЛ СКОПЈЕ –ГРК БОРЕЦ       48:16 (ИЗВЕШТАЈ)

СЛЕДНО, 7. КОЛО (03/04.11.2018)

ПРИЛЕП – ОХРИД

ВАРДАР ЈУНИОР – БУТЕЛ СКОПЈЕ

РАДОВИШ – ПРОЛЕТ

СТРУГА – ПЕЛИСТЕР

ГРК БОРЕЦ – ЕУРОФАРМ РАБОТНИК

ТАБЕЛА: 1. Еурофарм Работник 18 бода (189:129); 2, Охрид 15 (177:144); 3. Бутел Скопје 12 (172:131); 4. Пелистер 12 (190:173); 5. Струга 10 (158:161); 6. Пролет 9 (165:147); 7. Вардар јуниор 6 (162:191); 8. Прилеп 4 (151:176); 9. Радовиш 3 (180:204); 10. ГРК Борец 0 (135:223).