ИДЕАЛЕН ТИМ НА 5. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 5 коло од македонската Суперлига се одиграа три натпревари,  а поради настапот на Охрид во Купот на ЕХФ беше одложен нивниот дуел против Металург 2. Најинтересно, според очекувањата беше на натпреварот меѓу Пролет и Работник, кој го добија домаќините со 2 гола разлика, додека возбудлив ракомет имаше и во Прилеп, каде што гостуваше Пелистер. Борец рутински славеше победа над Вардар Јуниор со 4 голови разлика.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 5 коло:

Борец – Вардар Јуниор 37:33
Пролет – Работник 26:24
Прилеп – Пелистер 23:26
Металург 2 – Охрид одл.

ГОЛМАН: Стефан Кимевски (Пролет)

Иако можеби неговите интервенции не беа многу на број, сепак беа во клучни моменти. Секогаш кога Работник ќе направеше приклучок за чекор напред, пред битолските ракометари се испречуваше искусниот голман.

ЛЕВО КРИЛО: Иван Џонов (Пролет)

Гоце Ојлески од Работник постигна 12 голови, но добрата партија на Иван Џонов, кој играше во вториот дел и погоди 5 пати во моментите кога се кршеше резултат, е доволна за младинскиот репрезентативец да биде во идеалниот тим.

ЛЕВ БЕК: Теимураз Орјоникидѕе (Пелистер)

Грузиецот со партиите во последно време почна да потсетува како играше во минатата сезона. По заминувањето на Лазаров, сега тој го понесува товарот на левата бековска позиција во Пелистер и без разлика на противникот, е расположен за голови.

СРЕДЕН БЕК: Ивица Илиев (Борец)

Ивица Илиев долги години е на врвот на стрелците во Суперлигата, а ниту сезонава нема да биде поразлично. Иако имаше голема конкуренција во Ласко Андоновски од Пролет, сепак добива место во идеалниот тим бидејќи постигна скоро половина од головите на Борец, 15, и беше еден од најзаслужните за победата над Вардар Јуниор.

ДЕСЕН БЕК: Стефан Трпчевски (Вардар Јуниор)

Десниот бек на Вардар Јуниор од стартот на сезоната игра во добра форма, а на натпреварот против Борец во Велес, постигна 9 голови и заедно со Дејан Кукуловски беа главните играчи на младиот вардаров тим, кој имаше солидно издание против фаворитот.

ДЕСНО КРИЛО: Реваз Чантурија (Пелистер)

Искусниот грузиски репрезентативец одигра одлична партија против поранешниот клуб Прилеп, и заедно со неговиот сонародник Орјоникидѕе беа клучните играчи во победата на битолски Пелистер.

ПИКЕР: Михаил Аларов (Пролет)

Младинскиот репрезентативец Аларов, кој сезонава добива се поголема шанса и минутажа во Пролет, ги покажа своите квалитети на средбата со Работник. Тој играше одлично и во нападот, и во одбрана и имаше значајна улога во големата победа.