Играчот со најмногу одиграни натпревари против Загреб – нема да игра за Вардар!

Македонскиот првак Вардар вечерва го игра првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Загреб на гостински терен.

Овие две екипи имаа долга меѓусебна традиција на играње натпревари, од кои дел се пријателски, дел европски, а дел од регионалната лига.

Во европските купови, Вардар и Загреб имаат одиграно десет средби, а хрватскиот тим има пет победи, додека нашиот четири, а еден меч завршил реми.

Ракометарот со најмногу европски натпревари против Загреб нема да биде во составот вечерва, тоа е Владо Недановски, кој досега бил дел од шест меча.

Кај Загреб во оваа категорија води Златко Хорват со девет натпревари, пред Игор Вори со осум и Јосип Валчиќ со седум, а десното крило и вечерва ќе биде дел од ростерот.

Натпреварот меѓу Загреб и Вардар се игра вечерва во „Арена Загреб“ со почеток во 20:30 часот.