Играчите на Младост со барање до управата: Побрзо да се почне со подготовки!

Новиот македонски суперлигаш Младост од Богданци се соочува со сериозни проблеми во пресрет на новата сезона, според соопштението на ракометарите кои беа дел од колективот што го врати клубот меѓу македонскиот крем. Според текстот кој осамна во неколку локални медиуми, ракометарите на Младост директно се обратија на управата на клубот. Во соопштението интегрално стои:

Ние играчите на РК Младост од најмлади до најстари цела 2016/17 година се боревме за Богданци и за Младост со цел да го оствариме овој резултат кој Богданци го чекаше речиси девет години. Не штедејки се, од љубов, без никакви примања успеавме да ја оствариме нашата, а и Ваша цел враќање на клубот во „Супер лигата“ каде и што беше порано. Во меѓувреме поради финансии за почеток на новата сезона излегоа разни муабети околу иднината на клубот како и нашата иднина како играчи.

Затоа Бараме од Вас, управата на клубот што побрзо решавање на финансискиот проблем доколку го има, и започнување на подготовките за новата сезона која Богданчани, а и ние играчите едвај ја чекаме за остварување на нови предизвици и резултати.
Ние играчите нема дозволиме нашиот успех и резултат да биде занемарен бидејки само ние знаеме како и на кој начин го одевме патот до овде за остварување на овој резултат !!!

Младост Богданци по неколку години пауза повторно се врати меѓу суперлигашите во македонското првенство, тимот беше предводен од Мите Стоилов и Мите Караиванов, но се чини дека проблемите на овој клуб допрва почнуваат. Се споменуваа неколку нови имиња како потенцијални засилувања во тимот на Младост, но како се приближува почетокот на новата сезона се зголемуваат сомнежите дека од најавите нема да се реализира ништо.

Минатата година Макс Струмица мораше да се откаже од суперлигашкиот статус поради финансиски проблеми, со што пропадна угледот и реномето кое во краток период го изгради управата на клубот.