Зомимак ја најави борбата за врвот на табелата: Струмичките „рисови“ со победа ја започнаа плеј-оф фазата!

Зомимак-М им се придружи на Вардар и Металург на врвот на табелата по првото одиграно коло. Струмичани пред своите навивачи ја совладаа екипата на Тинекс Пролет со 32-22 и ја најавија својата кандидатура за висок пласман оваа сезона.
Младите ракометари на Пролет, беа рамноправен противник на Зомимак до средината на првиот дел кога од 6-6, „рисовите“ создадоа два гола предност. До крајот на полувремето ракометарите на Зомимак имаа водство и од пет погодоци, 15-10, а по триесет минути игра заминаа на пауза со четири голови разлика, 15-11.
Доминацијата на Струмичани продолжи во вториот дел. Ракометарите на Иле Темелковски ја одржуваа негативата од пет погодоци до средината на вториот дел, кога Зомимак со одлична низа од седум голови, ја најави победата и највисоката разлика на натпреварот, 26-14.
Формалниот крај на натпреварот заврши со конечен резултат 32-22 за домаќините.
Повремениот репрезентативец на Македонија, Дејан Пецаковски и Равез Чантурија беа најпрецизни на натпреварот со девет погодоци за екипата на Зомимак, додека за Тинекс Пролет, Стефан Трајковски постигна 8, а Славиша Димитриевски 5 голови.
Во следното коло Зомимак го пречекува Вардар во Струмица, во дерби дуелот за првото место, додека Тинекс Пролет ќе биде домаќин нa екипата на Радовиш.

ФОТО: rkstrumica.mk