Зомимак наместо Металург на Струга 2015

Турбулентната сезона во македонскиот ракомет ќе се одрази на традиционалниот ракометен турнир Струга 2015. Организацискиот одбор на струшкиот турнир кој оваа година ќе се одржи по 43-ти пат, имаше сериозна задача да ја состави листата учесници. Актуелниот македонски шампион, Вардар, ќе организира свој турнир и го откажа своето присуство во Струга, а од сосема други причини оваа сезона одбраната на титулата нема да ја започне ниту РК Металург. Откако остана без македонски претставник, струшкиот турнир се одлучи честа на македонскиот ракомет да ја брани екипата на Зомимак М, актуелен вицешампион на Македонија. Клубот преку соопштение ја прифати покана, и на средината на август ќе настапи заедно со досега потврдените Сесон(Франција), Бешикташ (Турција), Бенфика (Португалија) и ЦСМ Букурешт (Романија).Краткото соопштение од управата на Зомимак можете да го проследите подолу:

Организициониот одбор на Меѓународниот ракометен турнир Струга испрати покана до канцеларијата на РК Зомимак-М за учество на 43-то издание на турнирот. На поканата беше позитивно одговорено и со големо задоволство прифативме да бидеме дел од годинешното издание на турнирот кој негува огромна ракометна традиција. Оваа година турнирот ќе се одржи во периодот од 12 до 15 август.