Златко Мојсоски верува дека Еурофарм Работник може до нова добра сезона

Еден од поискусните ракометари на тимот на Еурофарм Работник, Златко Мојсоски и сезонава ќе биде меѓу играчите од коишто ќе се очекува многу повеќе на средбите од домашното првенство, но и на дуелите од Челенџ купот каде што тимот од Битола очекува добри резултати.

Неделава генералната проба за Еурофарм Работник беше дуелот на Супер купот на кој загубија од Вардар со 25:30, а тоа дава надежи за позитивен епилог во првенството.

„Очекуваме уште една добра сезона. Добивме добри засилувања со доаѓањето и на Кукоски и на Ојлески така што ова ќе биде можност за да одиграме добро и во првенството и во Челенџ купот. Наша цел е да се најдеме во групата на екипите коишто ќе играат во плеј-оф групата напролет“, вели Мојсоски.

Тој е свесен откаде ќе доаѓа најголемото ривалство така што е јасно дека ќе треба добро да се одигра на поголемиот дел од терените.

„Сезонава ќе биде интересно. Неколку екипи се засилија и нема да биде лесно да се дојде до првите четири места. Има неколку квалитетни тимови, а очекувам главните ривали за врвот во овој дел од шампионатот да ни бидат Пелистер и Охрид. Сепак, не смееме да заборавиме дека Борец се засили, а и Радовиш има квалитетен состав. Тука е и Пролет кој исто така има квалитет така што ова ќе биде интересна сезона“, изјави Златко Мојсоски.