Златко Димитровски и Пелистер се разделија

Поразот од Металург претрпен во саботата во Битола за тимот на Пелистер значеше причина за турбуленции, а прв кој си замина е спортскиот директор Златко Димитровски.

Својата оставка тој ја најави после поразот, а веќе дојде и до официјализирање откако беше објавено соопштение од клубот.

„Ракометниот Клуб Пелистер А.Д. – Битола  ја информира пошироката спортска јавност и вљубеници во ракометната игра за раскинување на договорот за соработка и ангажман на позицијата Спортскиот Директор со битолската и македонска ракометна легенда Златко Димитровски, кој на свое барање си поднесе неодповиклива оставка на функцијата спортски директор на Ракометниот Клуб Пелистер А.Д. Битола, после неколку слаби резултати на сенироската машка екипа во плеј оф натпреварите од Машката Ракометна Супер Лига“, стои во дел од соопштението на РК Пелистер.

Димитровски, самиот даде образложение зошто се повлече од клубот во кој е повеќе од една година на функцијата спортски директор. Тој откако си замина Томче Петрески, а на негово место дојде Јошко Петковиќ седна и на клупата, но клубот не доби напредок во играта и резултатите.

„После неколку последователни порази на клубот, над кои не можев да влијаам директно и покрај сите вложени напори одлучно решив да ја преземам целата одговорност поднесувајќи оставка од функцијата спортски директор. Морам да напоменам дека на изминатиот меч не подлегнав на никаков притисок од страна на поединци од трибините бидејќи мислам дека е и повеќе од јасно за какви луѓе станува збор исто како и за кое ниво на недостаток на спортска култура се работи. Тоа е група на луѓе кои преку етикетирање, навредување, провоцирање, се обидуваат да направат притисок врз сопствените играчи, тренерот, па и на остатокот од клубот. Екипата се сака и кога победува и кога губи. За Пелистер се навива со срце и најважно се навива за спорт, а не за политичка партија. Досега, па и низ целата моја кариера како домашна, така и на интернационално ниво не сум видел навивачка група да навива против својата екипа. Да не бидам сфатен погрешно ова се однесува на групата луѓе кои правеа притисок на клупата на Пелистер додека траеше мечот против Металург. Како и да е, сакам да се заблагодарам на целата публика која беше со нас, оние кои навистина го сакаат Пелистер. Овој клуб е дел од мене и од моето семејство кое веќе три генерации остава трага на овој терен. Со чиста совест си одам и на екипата и посакувам многу големи успеси во иднина бидејќи сè уште верувам во неа. Пелистер не почна со нас и нема ниту да заврши со нас“, стои во изјавата на Димитровски.

Засега тој е единствениот кој го напушта тимот, а заминувањето на Јошко Петковиќ е одложено веројатно за неколку дена со оглед на тоа што веќе в среда Пелистер гостува во Скопје кај Бутел Скопје.