Зборнаја си оди дома: Полска првото изненадување на ЕП

Денес Европското првенство во Ѓер започна со натпреварот меѓу Русија и Полска, последен решавачки натпревар на двете селекции за влез во главната фаза од натпреварувањето.
ГРУПА А (Унгарија,Ѓер)
РУСИЈА ПОЛСКА (11-13)
Русија пред почетокот на последниот натпревар беше во поповолна позиција по ремито одиграно со домаќинот Унгарија, додека Полска со двата претходни пораза мораше да победи на овој натпревар за да ја бара шансата за подобар пласман во следниот круг.
Првите пет минути поминаа во резултатска неизвесност, Дмитриева и Ушкова беа прецизни за Русија, а Кудлач на спротивната страна ја одржуваше рамнотежата.Во 10-та минута Русинките веќе имаа три голови предност 5-2, која ја задржаа до 11-та минута. Полската голманка Пруџеница блескаше на голот во средината на првиот дел, а бековската линија со серија од 5-0 ја достигна најголемата разлика на натпреварот но овој пат во полза на Полска, 7-10. Русија се обиде да го намали водството на противничките, а до крајот на првиот дел само го намали резултатот на два гола предност, 11-13.
По паузата „Зборнаја“ ги зби своите редови, одличната одбрана одработуваше за индиспониранта голманка Сидорова, а Близнова конечно покажа дека не заборавила да игра ракомет. Првото израмнување во второто полувреме се случи во 37-та минута кога Ана Пунко беше прецизна за 16-16. Во 43-та минута Русија конечно го превзема водството, 20-19.Три минути подоцна Близнова беше прецизна за првото водство на Русинките од два разлика во вториот дел. Токму Близнова беше ракометарката која го одржуваше водството на својата екипа од два разлика до 50-та минута.
Победата на овој натпревар Полска ја најави во 51-та минута кога ја започна серија од 4-0, за 24-26. Пруџеница повторно блескаше во последните 10 минути од натпреварот, а на спротивната страна Сидорова немаше решение за расположената Војтас која ги постигна последните четири гола за Полска. На крај со резултат 26-29 Русинките го претрпеа вториот пораз и како најлошо пласирани од група А го напуштаат првенството. Полска како пријатно изненадување ќе им се придружи на Шпанија и Унгарија во следната фаза во Дебрецен.
Ушкова беше прогласена за најкорисен играч на натпреварот од репрезентацијата на Русија, додка Кудлач по трет пат се здоби со ова признание од репрезентацијата на Полска. Кудлач со девет и Војтас со 8 голови ја предводеа Полска до победата, додека седумте гола на Пунко и Близнова не беа доволни за Русија да избегне пораз.