ЗА МАЛКУ СЕНЗАЦИЈА: Вардар минимално го доби драматичниот двобој со Металург!

Ракометарите на Вардар ја продолжија победничката серија во плеј-офот од Супер лигата, откако славеа тежок триумф над градскиот ривал Металург со 32-31. Можеби претходно не се очекуваше преголема неизвесност, сепак можевме да видиме не толку квалитетен, колку што интересен натпревар во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.

Во првиот дел се играше гол за гол до 4-4, пред вардарци да се одлепат на прва поголема предност од 7-4. Тоа сепак не ги обесхрабри играчите на Металург, кои заиграа подобро во одбраната во следниот период, а беа прецизни и во нападот, па по петнаесетина минути израмнија на 7-7. Mеталурзите добија крилја и во финишот на полувремето ја имаа и најголемата предност со голот на Шилегов, 15-18.

Во вториот дел, отпорот на Металург траеше десетина минути. По 20-22, Вардар направи серија од пет голови, но не го реши прашањето околу победникот, 25-22. Постот на Металург траеше седум минути, а Шпенде го прекина со голот во 45. минута, 25-23. Металурзи не се предавааа и ја вратија предноста на своја страна, 26-28 на десетина минути до крајот.

Сепак вардарци повторно го засилија темпото и со серија од три голови се вратија на 29-28. Ниту ова не беше доволно, па брзиот Токиќ казни две грешки во финишот и Металург имаше 29-30. Беше и 30-31, Војводиќ погоди за реми, а Гедбан кој го немаше целиот меч, одбрани во вистинско време шут на Шпенде на две минути пред крајот. Карачиќ со „бомба“ го совлада Дупјачанец за 32-31, но Пучник биеше покрај голот и останаа уште триесетина секунди за последниот напад на Вардар.

Недановски не погоди, а во последната секунда имаше шанса за Маџовски од тешка позиција, кој исто така не ја погоди мрежата на Вардар, па победата остана за домашните. Најдобри стрелци во Вардар беа Кисељов со осум голови и Стоилов со пет, додека кај Металург се истакнаа Шилегов со осум и Шпенде со четири погодоци. За Вардар следува реваншот со ПИК Сегед, а металурзите следниот викенд ќе гостуваат во плеј-офот кај Пелистер.