Захариев не сака јавно да одговори за клупскиот хаос и комуницира преку вибер!

Бранувањата во екипата на Цемс не стивнуваат, а претседателот на клубот Бојан Захариев наместо јавно да одговори на сите обвинувања и да даде одговор на многуте прашања реши комуникацијата да ја продолжи денеска преку viber испрати соопштение до медиумите во кое ја опишува целата ситуација во минатиот период. 

Најлесниот начин да ги избегнете сите незгодни прашања од јавноста е да испратите соопштение, и по можност најдолго што може. Така никој нема да има волја да го прочита, па и полесно ќе се откаже. Бојан Захариев веќе имаше хаварија, со машкиот клуб на Цемс но тоа се скри под тепих и клубот продолжи под името Аеродром. Но, со женскиот е поинаква ситуацијата.

Како што е познато во понеделникот дојде до разделба меѓу клубот и тренерскиот тандем Треноска-Стојковска при што дојде до реакција од нив при што го нападнаа Захариев. Тој во прв момент не реагираше, но сега упати подолго соопштение кое во продолжение ви го презентираме во целост без никакви корекции.

„Соопштение на РК ЦЕМС 2018

Во рамки на редовната комуникација со медиумите, а по повод последните случувања во РК ЦЕМС 2018 ја информираме јавноста преку ова соопштение за појасна слика.

Ракометниот Клуб ЦЕМС 2018 од Скопје беше формиран во Јуни оваа година со една единствена цел да биде составен исклучиво од млади спортисти од Р. Македонија кои ќе имаат можност да напредуваат и работат во интерес на свој личен  развој  и на клубот исто така во насока на едукација од разни области од спортот и останати области  поврзани со него.

За таа цел се изврши селектирање на тренерски и играчки кадар се набави потребната опрема и реквизити за работа и се започна со работа. Во рамки на тренажниот процес се организираа подготовки во Ливадиште во Струга во термин во кој требаше да се одржи ракометен камп. Тој камп поради немање доволно заинтересираност и лош тајминг (пред почеток на првенствата во младински категории) се откажа и во организација на Центарот за Едукација и Менаџмент во Спортот – ЦЕМС благодарение на меморандумот за соработка со Елем Турс со кого имаме одлична соработка се одржаа подготовките кои поминаа во најдобар ред од аспект на услови за работа, исхрана, едукација за здрава исхрана и посета на нашиот четирикратен учесник на олимпијада Лазар Поповски со кого сите присутни уживаа и во дружењето со кајакот како едно искуство плус во животот.

За целокупните подготовки на кои присуствуваше и машката екипа на РК ЦЕМС 2018 сите трошоци ги подмири ЦЕМС со подршка на ЕЛЕМ Турс и никој друг нема дадено ниту денар за истите.

Како клуб обезбедивме лекарски прегледи и спортски услови за работа на екипата презентирајќи ги и редовно информирајќи за нашите активности сите медиуми.

Во рамки на последната седница на Извршниот Одбор на клубот одржана на 29.10.2018 беше донесена одлука за разрешување и прекин на соработката со тренерот на првиот тим Веселинка Треноска и тренерот Ива Стојковска поради неколку причини кои се наведени во самата одлука, а пред се слабите резултати. Од 9 натпревари 7 порази и само 2 победи и заради влијание кон играчите  по натпреварот со Металург. На тој меч претходеше нетренирање од 5 дена. Дури и на играчи кои сакаа да тренираат им се забрануваше. Ова е и според нивни и изјави на нивните родители. Со солзи во очите беа спречувани да го остварат основното право на тренинг, она што е нивни сон да успеаат да станат играчи, се со цел да се оствари исплата. Таа се случи на 05. 10 2018 ден пред натпреварот со Металург.

Тренерите во целост ја земаа платата за Август,  а и дел од играчите добија надомест за Август дури и некои, а ги имаше во голем број  кои во клубот воопшто не дојдоа за средства и надоместок беа симболично наградени со одреден износ како мотив да земат сите кои се дел од клубот и никој да не биде изоставен во тој дел.

Натпреварот со Металург се одигра, а по завршување на истиот наредната недела се одржа состанок на кои им се кажа на ракометарките дека во иднина не сакаме како клуб да се доведеме во ситуација повторно да бидеме во една таква позиција и зата се ослободуваме од 5 ракометарки на кои им беа дадени исписница и легитимаци.

Во иднина се заклучи дека спортски услови за тренинџи , ручек пред натпревари превоз и се во рамки на спортски процес теретана и едукација што беше ветена ќе се реализира.

На крај во обраќањето кажав дека клубот со сила никого нема да задржува, и доколку некој не сака да остане –  може да си оди.

По овој состанок следуваше натпреварот во Прилеп со екипата на Деспина а кои настапивме со 10 играчи. Веднаш по одигрување на истиот по барање на Треноска на дел од играчите што беа ослободени, но сакаа да се вратат и да го до играат преостанатите натпревари  без надоместоци во интерес на атмосферата и сплотување на екипата како клуб им овозможивме враќање.

По натпреварот со Стружанка на домашен терен,  на кој од приватни обврски кон моето  семејство не бев присутен и на кој екипата загуби, се состана Извршниот Одбор на клубот и ги разреши од должноста тренери Треновска и Стојковска и на нивно место го назначи професор Марјан Малцев кој со своето искуство се очекува да пред се има педагошки и професионален пристап кон девојките кој останаа и во иднина ќе бидат дел од РК ЦЕМС 2018.

По соопштување на одлуката следуваше реакција дека никој од играчите повеќе нема да доаѓа но јас лично разговарав со родителите на играчите и сепак не со уцени и убедувања и лажни ветувања туку со искрен пристап на тоа дека исклучиво постоиме како клуб во насока на едукација и создавање идни млади ракометари успеавме да продолжиме со тренажниот процес.

Притоа со многу опструкции без топки, реквизити, спортски легитимации, мединска торбица и дел од маици и дресови кои беа задржани кај претходните тренери. И покрај се успеавме да го одиграме натпреварот во Битола и благодарност за коректниот однос на домаќините и службените лица кои не разбраа целосно и дадоа подршка. Не само тие туку и останатите клубови со кои јас лично имам одлична и приватна и деловна комуникација која е градена со години бидејќи во спортот како спортски работник сум 17 години на разни позиции и имам направено сериозни проекти и активности и нема да дозволам никој да го руши мојот интегритет и посветеност за работа во спортот во насока на младите и нивниот развој.

На сите кои останаа во клубот и на оние кои ќе бидат дел од него ќе им дадеме таква можност да го остварат правото да бидат спортисти но пред се личности. Клубот е формиран како идеја на ЦЕМС кој постои 6 години и кој е лично моја идеја. Ва него, многу истакнати спортски имиња од спортот дадоа подршка за реализација на идеите и активностите, потоа сериозни институци и факултети со кои имаме соработка и сакам посебно да нагласам дека имаме меморандум за соработка со Дајте ни крила Здружението на деца со посебни потреби со кои ќе организираме донаторска заедничка конференција кон крајот на годината каде ќе се доделат на самата конференција средства за дечињата и пакети за Нова година доделени од истакнати македонски спортисти дел од Советот на ЦЕМС и нашите млади ракометарки.

Нашите планови за идниот пржериод ќе ги претставиме за краток период по доаѓањето и на нашиот соработник од Данска Бјерн Јакобсен кој е ген менаџер на ЕЛИТ Спорт од Данска со која РК ЦЕМС 2018 има договор на повеќегодишна соработка. Со негова помош да се одржи промоција на нашите играчи надвор од нашата држава и да се оди на меѓународни турнири.

Секако за тоа ќе треба повеќе луѓе во клубот кои во идниот период ќе бидат ангажирани и претставени затоа што ќе излеземе посилни од се и силно веруваме во спортот и во нашата идеја.

Ние сме аматерски клуб и постоиме за спортот и не сме добиле денар од државата како што некои говорат. Споменатиот ваучер не само ние како клуб  туку го чекаат сите клубови за подобро функционирање и услови за работа и согласно најавите секој ќе има рамноправност во насока на обезбедување подобри услови за работа во иднина. На крај со ова наше соопштение сакаме да истакнеме дека ќе се насочиме кон иднината и реализација на нашите активности на сите кои одлучија да не се повеќе дел од нашиот клуб им посакуваме да пронајдат нови средини каде ќе ги реализираат сите свои очекувања и желби затоа што ако имаат квалитет место ќе има во клубови и во РМ и надвор од неа.

Исто така од сите навреди кон мојата личност и делумно на некои ситење за моето здравје и на моите деца нема да одговорам  ќе оставам времето да покаже дали и кој е на вистинскиот пат само сакам господ на сите да дава здравје и спокој“.