Затаракоски одбрани пенал во последните секунди, Струга со целиот плен

Ракометарите на Струга продолжуваат со одличните игри на стартот на сезоната во Првата Лига и ја остварија шестата победа во седмиот натпревар. Избраниците на Наум Танески славеа минимално во дерби натпреварот против Преспа со 26:25 и останаа осамени на втората позиција веднаш позади Бутел Скопје.

На стартот на дуелот домаќините диктираа темпо и отворија со 3:0. Иако имаше повеќе технички грешки на двете страни, сепак домашните одржуваа водство од 2 до 3 голови се додека Преспа не се врати на 8:8. Нова серија на Струга од 3 голови за 11:8, а на пауза се замина со 11:9.

Во вториот дел имаа домашните и плус 4, 15:11, 16:12, најмногу по заслуга на голманот Мечкароски, но како одминуваше време, Преспа ја подобруваше играта во одбрана и по 20:17, стигна до 20:20. Пак беше редот на Струга, па поведе со 23:21, и 24:22, пред да почне драмата.

Преспа стигна до 24:24, беше и 25:25, а Струга во последната минута поведе со 26:25. Гостите добија пенал на 8 секунди до крајот, а голманот Кристијан Затаракоски беше херој и го спречи ударот од седум метри за голема радост и победа со 26:25.

Најдобри стрелци беа Александар Стојанов со 7 и Томе Нацев со 5 голови, додека кај Преспа се истакнаа Кире Башевски и Никола Даскаловски со по 5 голови.