Засилениот Радовиш на тест против подмладениот Вардар јуниор

Покрај Пролет-Охрид од 19 часот денеска ќе биде одигран уште еден натпревар, а на него Радовиш е домаќин на Вардар јуниор. И овие два ривали лани исто така играа во 1. коло, но мечот се играше во СЦ „Јане Сандански“.

Денеска е сосема нов меч со далеку изменети состави од лани така што е јасно дека ова ќе биде сосема поинаков дуел.

„Одиме на победа на овој натпревар и посакуваме со три бода да стартуваме во новата сезона. Вардар јуниор има изменет состав. Ние се засиливме и имаме неколку поискусни играчи. Не сме уште комплетирани за да можеме да бидеме и поконкурентни, но сметам дека со овој тим можеме до трите бода денеска“, вели тренерот на Радовиш, Љупчо Мијалов.

Тренерот на гостинскиот состав, Стојан Петрушевски минатата сезона забележа победа во 1. коло против истиот ривал, но на домашен терен. Тогаш во меч со 79 гола беше обезбеден триумф од 41:38.

„Радовиш е сосема нов тим во однос на лани. Ангажирањето на неколку засилувања го прават фаворит на овој дуел. Искуството е на страна на радовишани и денеска ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме со составот кој го имаме. Сепак, самиот факт што во своите редови го имаат сега искусниот Везенковски, но и Илиев кој во последните години редовно е меѓу најефикасните во лигата, како и голманот Паунов кој долго брани во Супер лигата го прави овој тим фаворит против нас“, коментираше за 24 Ракомет, Петрушевски.

Овој меч исто како и дербито во Скопје се игра од 19 часот.