Започнува нова ракометна приказна за македонската младинска репрезентација

Крајот на јули ќе означи почеток на нова европска приказна за ракометот во Македонија. Одличната генерација млади македонски ракометари ќе имаат можност по втор пат да се надмудруваат со најсилните репрезентации на стариот континент. Пред младинците претстои предизвикот наречен Европско младинско првенство Данска 2016.

Македонските репрезентативци својот прв собир го имаа на 29-ти јуни во спортската сала „Автокоманда“, а во наредните два дена медицинскиот тим во соработка со стручниот штаб ги изврши сите потребни прегледи пред започнување на подготвителниот период.

Металург, под водство на претседателот на клубот Левче Китески и спортскиот директор Ванчо Димовски, на располагање ја стави својата комплетна логистика за овој подготвителен циклус, во координација со генералниот секретар на РФМ Филип Милошевски и претседателот Живко Мукаетов.

Од денес до 9 јули, младинците ќе тренираат во спортскиот комплекс „Маврово“ под водство на селекторот Александар Јовиќ и помошникот Никола Матлиески, во координација со селекторот на сениорската репрезентација Лино Червар. За физичката подготовка на македонските ракометари ќе се грижи кондицискиот тренер Иван Тиосављевиќ, а тренерот на голманите Перо Мисовски ќе го комплетира стручниот штаб.

Последната фаза од подготовките започнува на 13 јули кога машката ракометна репрезентација заминува за Словенија, каде кон стручниот штаб ќе се приклучи координаторот на младинската ракометна репрезентација и селектор на сениорите, Лино Червар. Зрече ќе биде местото каде младинците ќе одиграат два пријателски натпревари со своите врсници од Словенија.

На 16 јули македонската селекција заминува на завршниот дел од подготовките во Умаг, Хрватска. По една седмица (22 и 23 јули) е предвидено да се одиграат последните пријателски натпревари со репрезентацијата на Хрватска. На 27 јули од Загреб, македонската младинска репрезентација ќе замине за Билунд, Данска. Својот прв натпревар на Европското првенство, Македонија ќе го одигра на 28 јули против репрезентацијата на Норвешка.