Започнува Куп завршницата во Македонија!

Крајот на неделата ќе го одбележат дуелите во Куп завршницата на Македонија. Бранителите на трофејот, машкиот и женскиот колектив на Вардар се ко-организатори на финалните дуели во Купот. На програмата во СРЦ „Кале“ и „Јане Сандански“ ќе бидат полуфиналните и финалните натпревари во машка и женска конкуренција.
Ракометната федерација на Македонија како ко-организатор на Купот на Македонија ги одреди сатниците и распоредот на натпреварите. Дуелите ќе се одиграат од четврток до сабота, а првите полуфинални двојки кои ќе ги одмерат силите денес, 14 мај, ќе бидат во машка конкуренција.
Во СРЦ „Кале“ финалниот викенд ќе го отворат македонскиот шампион Металург и Тинекс Пролет во првото полуфинале кое е закажано за 17 часот, додека во вечерниот термин Вардар од 19:30 ќе го пречека тимот на Зомимак.
За петок, 15 мај, се закажани полуфиналните средби во женска конкуренција. Во СРЦ Кале, од 17 часот ЖРК Пелистер и ЖРК Металург ќе го одиграат првото полуфинале, додека Вардар и ЖРК Вардар ќе се сретнат во вториот полуфинален меч, кој ќе се одигра со почеток од 19 часот и 30 минути.
Сабота, 16 мај, ќе биде денот за прогласување на (старо)новите освојувачи на Купот на Македонија. Во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 15:00 ќе се одигра женското финале, додека од 18:30 ќе се одигра машкиот финален натпревар на Купот на Македонија.
Дневни билети за натпреварите од Куп завршницата веќе се пуштени во продажба на билетарниците на СРЦ „Кале“ и СЦ „Јане Сандански“ по цена од 50 денари.