Започна ракометниот турнир во Букурешт: ЖРК Будуќност подобар од Ростов Дон

Со натпреварот ЖРК Будуќност- Ростов Дон беше отворен ракометниот турнир “Букурешт Трофеј 2014”. Под слоганот „Букурешт го сака ракометот“, покрај домашната екипа Букурешт, на овој турнир ќе учествуваат ЖРК Будуќност, Ростов Дон, Муратпаша, Астраханочка, и Бетингхајм. На отварањето, свој деби настап за турскиот клуб Муратпаша ќе имаат двете репрезентативки на Македонија, Душица Ѓоргиевска и Зорица Десподовска, кои ќе играат против дрим тимот на домаќинот Букурешт.

Група А : РК Будуќност,  Битингхајм, Ростов Дон.

Група Б:  ЦСМ Букурешт, Астраханочка, Муратпаша.

 

ЖРК Будуќност 30:26 Ростов Дон

ЖРК Будуќност и руската екипа Ростов Дон беа рамноправни противници во првите 20 минути од натпреварот кога се играше гол за гол, без цврста одбрана. Во текот на 21-та минута, ракометарките на Будуќност со голот на Мајда Мехмедовиќ од контранапад и одличниот проектил на Милена Кнежевиќ од 10 метри, го зголемија водството на два разлика (9-7), а потоа преку Радмила Петровиќ која успешно реализираше пенал, го зголемија на три разлика (10-7), во текот на 23 минута. Во овој период русинките практикуваа игра со брз центар, но тоа не вроди со плод. Во последните седум минути од натпреварот, бековското трио  Булатовиќ, Неагу и Кнежевиќ беше затворено, па така играта продолжи преку пикерот Драгана Цвијиќ која успешно реализираше гол за 11:9 . Со головите на Кристина Неагу и Милена Кнежевиќ, Будуќност се одлепи на највисоки четири разлика (14:10), но со одбраните на  Бајрактаровиќ, екипата на Ростов Дон  намали на 2 разлика 14:12. Првото полувреме заврши со резултат 16:14 за Будуќност.

Во второто полувреме, ЖРК Будуќност офанзивно го започна натпреварот, расположени беа сите ракометарки, а  во 38 минута  резултатот во Букурешт гласеше 18:14 за црногорската екипа. Во текот на 40 минута, Будуќност ги имаше највисоките седум голови разлика 21:14, благодарение на одличната одбрана и расположената Клара Волтеринг на голот кој тешко се совладуваше во тој период. Како што се наближуваше крајот на натпреварот, црногорската екипа од Подгорица го зголемуваше своето водство, а ракометарките на Ростов Дон делуваа безидејно во нападот. Водството од осум разлика, беше намалено на пет разлика. Со  голот на Авдекова од контранапад Ростов Дон повторно се врати во игра и најави интересен финиш во завршните 15 минути од натпреварот. Но наместо пресврт, руската екипа направи грешки кои Будуќност ги претвори во голови. Подгоричанки го врати водството на шест разлика и не дозволи никакво изненадување . На голот на ЖРК Будуќност, Марина Рајиќ ја замени Клара Волтеринг, а во нападот Катарина Булатовиќ продолжи со своето ракометно шоу. Натпреварот заврши со резултат 30:26 за ракометарките на Будуќност.

Најефикасна ракометарка во ЖРК Будуќност беше Катарина Булатовиќ со седум постигнати голови, по пет удари упатија Кристина Неагу и Милена Кнежевиќ. Во листата на стрелеците се запиша 17 годишната Ема Рамушовиќ која го постигна дебитанскиот гол за Будуќност.